Во ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала во неделата загинале 75 лица, а речиси 200 се водат за исчезнати, објавија во средата локалните функционери.
Според Институтот за форензика, 75 луѓе загинале во природната стихија, откако во вторникот биле пронајдени уште две тела. Досега се идентификувани само 23 лица.
Серхио Кабанас, директор на националната агенција за управување со природни катастрофи изјави во вторникот дека 192 лица, чиишто имиња и место на живеење се познати, се сметаат за исчезнати од неделата.
Во ерупцијата повредени се 46 луѓе, а евакуирани се 3.271 лица. Катастрофата со различни нивоа погоди вкупно 1,7 милиони Гватемалци.
Во понеделникот, ден по вулканската ерупција, брегот на Гватемала го погоди земјотрес со магнитуда од 5,2 по Рихтер. Епицентарот беше во Пацификот, на длабочина од десет километри, објави американскиот Геолошки центар. Во земјотресот не беа регистрирани жртви.