Во Ерусалим откриена ретка маслена светилка стара 1.700 години

Археолозите открија древна маслена светилка стара околу 1.700 години за време на ископувањата во Ерусалим, објави претходно седмицава израелската управа за антиквитети.

„Извонредната изработка на светилката, која беше пронајдена цела, ја прави извонредна и исклучително ретка“, рече археологот и водител на ископувањата Микаел Чернин.

Древниот керамички артефакт од доцниот римски период е украсен со менора и други еврејски симболи, се вели во соопштението на властите. „Тоа дава фасцинантен увид во еврејската култура и религиозниот живот во тоа време“, се додава.

Светилката ќе биде претставена подоцна на изложбата во Ерусалим за време на еврејскиот фестивал на светлината Ханука, кој започна во средата навечер.

Маслената светилка е откриена за време на ископувањата на Маслиновата Гора во Ерусалим, се наведува во соопштението за печатот. Трагите од саѓи на изливот покажуваат дека садот се користел за осветлување пред околу 1700 години.