Во ЕУ не може да се случи национално обединување на Албанците

Лидерот на Самоопределување и најверојатно иден премиер на Косово, Албин Курти изјави дека во ЕУ не може да се случи национално обединување на Албанците, но оти може да постои идеја за федерација.

„Косово и Албанија треба да се приближат, интегрираат во идејата за федерација, како Германија, со децентрализирани институции“, оцени Курти. Тој претходно изјави дека нема да брза со продолжувањето на разговорите меѓу Белград и Приштина или да го укине данокот на увоз на стоки од Србија.

Во интервју за Асошиејтед Прес, Курти рече дека преговорите во Приштина и Белград нема да бидат неговиот приоритет кога ќе ја преземе функцијата премиер. Тој додаде дека дури и укинувањето на данокот за увоз, кој беше поставен како основен услов за продолжување на преговорите, не може да биде автоматско.

„Можеме да го укинеме данокот на увоз само откако ќе се примени принципот на реципроцитет“, рече Курти, прецизирајќи дека Србија мора да ги исполни сите обврски според 33 договори потпишани од Белград и Приштина, како дел од преговорите во Брисел.

„Многу е жално да се види дека Белград не се соочува со сопственото минато“, рече Курти.