Се разбира дека овој петок нема да се занимавам со изногуд-партијата, која има проблем со себе зашто никако да ѝ се оствари мечтата – да стане власт наместо победникот и на овие предвремени избори. Има многу поинтересни настани што бараат општо внимание зашто се далекосежни по значењето, по последиците, по сегашноста и иднината. Домашната и надворешната политика на една земја секогаш дејствуваат имајќи ги на ум токму крупните промени што ја имаат зафатено планетава. Евроболшевичката владејачка класа, која е длабоко потоната во корупција што годишно јаде еден цел европски буџет од 120 милијарди евра, на овие избори ја погоди страшен земјотрес. Се манифестираше со силен татнеж произведен од налетот на скакулците што ги именува, да не кажам ги етикетира, како евроскептици.
Овие, пак, силовито се втурнаа во ЕУ-парламентот напаѓајќи и одлево и оддесно. Десното отиде до екстремот, чистокрвен наци-фашизам. Оваа групација освои 140 мандати. Во моментот на соопштувањето на резултатите ми текна на Кире Наумов. Човекот за кој мислев дека е поумен од своите партиски колеги зашто би требало да има способност за логичко размислување и анализирање (нели едно време беше директор на Агенцијата за разузнавање) испадна тупец по ова прашање. Дури се впушти во полемика со мене на темата фашизам во Европа. Ме учеше на некакваси дефиниција. Тврдеше дека го нема, дека бил победен и закопан. Како и да е, веројатно тој не е единствениот што е затечен од новонастанатата ситуација. И Ван Ромпуј е. Да предупредам дека ова не е комплимент за Наумов. Веројатно сите што си живеат на некој свој приватен Олимп и од тие височини не дофрлаат до почвата страдаат од слепило и од дезориентираност.
Од сите губитници на овие европски избори некако најтешко ми падна за Јелко Кацин. Таков политичар од формат, таков балкански булдожер што остави печат кај повеќе народи нема скоро да видиме. По Зоран Талер, Кацин е вториот Словенец што скрши заби на ридестиот балкански терен. Ич го нејќат и воопшто не го ценат „дивите“ Балканци. Не за друго, од што не го разбираат софистицираниот и елегантен политички светоглед што се негува во Брисел. Ние од поодамна, а Србите сега и официјално се збогуваа од неговиот профил. Пропагандист, воен хушкач и лажго, арогантен лик во комедии на грешки, водвиљ-изведувач, се некои од оценките за неговата политичка изведба со кои го испрати Србија. За утеха на Лидија Димова, Борјан, Ива, Жижи и компанија, да им кажам нека не плачат – ќе има и други како него. Тоа е сигурно. Навистина, нивната матична групација и спонзор ЛДП на европско ниво заринка на политичкото дно (во Македонија тој тренд одамна е присутен), ама, ете, влезе Златна зора. Штом политичките приоритети им се исти, ќе се намирисаат и брзо ќе се сплотат – тоа е сигурно. И едните и другите ги нервира и боли Македонија, Македонци и македонски. Околу другите „теми“ сврзани со хомосексуалците, Ромите, иселениците, слободата во медиумите, веројатно ќе најдат цивилизиран начин да искохабитираат за нивно заедничко добро. Ќе се прават чукнати ем мутави.
Како што е сигурно дека од ваквите европски „гибања“ на Евреите што преостанаа во жива форма на континентот повторно им се бурбатат стомаците. Се плашат и овој пат да не задоцнат, па отсега почнуваат да си се пакуваат. Ромите, Африканците, Азијците што немаат каде да се вратат оти заглавиле во Европа поради сите форми на стариот и новиот колонијализам и милитаризам, за жал ќе бидат на менито на новите фашисти. Знаев јас дека не ќе е на добро штом ЕУ реши да ја измести симболиката на 9 Мај – ден што се славеше како победа над фашизмот. Бриселската бирократска суперкласа, во договор со својот прекуатлантски газда, му подметна на европското население ново значење, нова симболика на традиционалниот датум. Деветти мај стана Ден на Европа. Со спин ја потисна суштината – победата на човештвото над фашизмот. Шеесет милиони животи беа збришани од сеќавањето на Брисел. Два празника во едно од кои чудесно, безобразно, предимство и во новинарските текстови и во државните протоколи, вклучувајќи и во македонскиот, што едноставно ме шокира оваа година, предимство доби измислениот симбол. Нема да се изненадам ако наредниве години овој ден стане и ден на новата победа на фашизмот во Европа. Уште чекам по ова прашање од суштинско значење и темелна вредност своето да го кажат партиските водства во Македонија. Да знаеме конечно кој каде се наоѓа и со каква идеологија истрчува пред народот.
Како што гледам, слушам и читам, во САД веќе функционираат концентрациони логори. Работниците во нив се од сите раси и вери што го прави овој фашизам „ексепшенал“ како што е ред во „ексепшенал“-држава. Единствена заедничка одлика на овие несреќници е што се бездомници. Иронијата е во тоа што тие станале бездомници како последица на економската криза што ја предизвикаа банките и финансиските шпекуланти, а заради профит. Прво ги навлекоа луѓето на кредити, потоа ги оставија луѓето без работа, па откако немаа начин да си ги отплатуваат кредитите за сопствените домови, ги исфрлија на улица, а бидејќи хуманиот конгрес донесе закон со кој затворски се казнува бездомништвото, огромен број Американци станаа жители на конц-логори каде што „работата облагородува“. Логорите се приватен бизнис. Сопствениците им ги изнајмуваат логорашите на сите заинтересирани како „евтина работна рака“. Газдите во камповите што се обградени со боцкава жица, на своите станари, освен „бесплатно спиење“ им обезбедуваат и три „бесплатни“ оброци. Бегство од оваа слобода за нив нема, оти бегалците ги ловат професионални шинтери.
Кога сме кај ловот, во Македонија има големи шанси да заживее уште едно стратегиско партнерство. Ловно. Овде доаѓа да лови Хантер (Ловчо) Бајден, засилен со татко си, „Боункрекер“ Џо, и опслужуван од потрчкото „Вет“ Квашњевски, инаку поранешен шеф на државата Полска. Ќе ловат пари преку политички кленови во Македонија, а во врска со изградбата на паралелниот „украински“ гасовод. Веројатно на Груевски веќе му чади главата од оваа морска комбинација.
Политика на сила, опасни семејни врски, судир на интереси, злоупотреба на политиката, мафијаштво, сѐ е во игра и сѐ ќе биде ставено во функција на профитот и тековната војна меѓу САД и Русија. Ако од оваа епизода Груевски излезе само искубан и со некоја модринка, а добиена борба на поени, или ако го дочека крајот на мечот на тешкашите на нозе, ќе биде запишан во историјата како голем политичар. Впрочем, ние другите го плаќаме за да биде таков, а на наша општа корист. Велам, за да потсетам. Ако пак клапне, што на македонските политичари вообичаено им се случува под здружен притисок, или ако дозволи да му ги кршат коските, односно да го ловат како зајак, па да му врзуваат мокра крпа околу глава, тогаш самиот ќе си напише политички епитаф.
Пишува: Мирка Велиновска за Нова Македонија