Премиерката на Финска Сана Марин, моментално е една од најмладите шефови на влади во светот, и во новогодишната порака им порача на граѓаните дека силата на Финска лежи во „нејзините граѓани и нивното знаење“, нагласувајќи дека образованието игра клучна улога во успехот на оваа скандинавска земја.
Ги потсети дека со одлука на Владата која стапи на сила од 1 јануари се зголеми примањата кај околу 70 отсто Финци.
„Силата на општеството и државата не се мери со богатството на нивните најбогати членови, туку по тоа колку се најзагрозените граѓани во состојба да се носат со предизвиците и проблемите“, рече Марин.
Исто така истакна дека многу е важно државата да овозможи услови за секој свој граѓанин да живее достоинствено и квалитетно.
„Затоа себеси секогаш во својата работа треба да си го поставиме прашањето дали секој во општеството има можност да води достоинствен живот“, додаде 34-годишната финска премиерка.
Сана Марин, досегашната министерка за транспорт и комуникации, состави нова финска влада во која има 12 министерки и 7 министри.