Во Финска почна со работа најголемиот европски нуклеарен реактор

Неколку часа откако Германија ја заврши својата атомска ера со затворањето на последните три нуклеарни реактора, најголемиот поединечен реактор во Европа беше вратен во редовна работа во Финска, соопшти во неделата тамошниот оператор.

Се очекува дека „Олкилуото 3“, кој сега произведува околу 14 отсто од електричната енергија во земјата, да остане во функција „барем во следните 60 години“, според операторот TVO.

Во меѓувреме, Германија официјално стави крај на децениската нуклеарна енергија со затворањето на последните три нуклеарни реактора во саботата. Реакторот „Исар 2“ на југоистокот на земјата, централлите Некарвестхајм на југозападот и Емсланд на северозападот од земјата беа исклучени од електричната мрежа пред полноќ.

Најголемата европска економија се обидува да ја напушти нуклеарната енергија уште од 2002 година, но постепеното исклучување беше забрзано од поранешната канцеларка Ангела Меркел во 2011 година по несреќата од март таа година во нуклеарната централа Фукушима во Јапонија.

Во меѓувреме, во Финска, Европскиот реактор под притисок (EPR) е пуштен во редовна работа околу 18 години по почетокот на изградбата на реакторот и 14 години откако првично беше планирано да започне комерцијално производство. Откако првпат ја достигна целосната моќност во септември минатата година, требаше да влезе во комерцијално производство во декември, но почетокот беше одложен неколку пати за време на фазата на тестирање.

 

„Главниот адут“

Изграден е од конзорциумот „Areva-Siemens“ предводен од Французите, а реакторот првпат беше стартуван во декември 2021 година и беше поврзан со финската електрична мрежа во март минатата година.

Пробното производство е завршено и во неделата започна редовното производство на електрична енергија“, соопшти TVO. „Отсега натаму, околу 30 отсто од електричната енергија во Финска ќе се произведува во Олкилуото“, кој веќе имаше два реактори, се додава.

Со производствен капацитет од 1.600 мегавати, Олкилуото 3 е најголемиот поединечен нуклеарен реактор во Европа, додека украинската централа Запорожје со своите шест реактори е најголемата нуклеарна централа.

Финска се надеваше дека ќе се потпре на новиот реактор за своите потреби за електрична енергија претходно оваа зима поради стравувањата од недостиг на енергија откако Русија, главниот снабдувач на Европа, ја нападна Украина и го намали извозот на гас како резултат на диверзијата со која ланскиот септември беа минирани двата нафтовода Северен тек во Балтичкото Море, и како одговор на западните санкции.

Јармо Танхуа, извршен директор на TVO, во изјавата за јавносто го нарече „еколошки прифатливото производство на електрична енергија“ еден од „главните адути“ на Финска.

Безбедноста наспроти климата

Реакторот EPR беше дизајниран да ја рестартира европската нуклеарна индустрија по катастрофата во Чернобил во 1986 година и беше фален дека нуди повеќе моќ и подобра безбедност. Сепак, неколку проекти за EPR доживеаја одложувања и надминување на трошоците од милијарди долари.

На крајот на минатата година, француската државна енергетска групација EDF мораше да објави уште едно шестмесечно одложување за новиот реактор што се гради во Фламанвил во северозападниот дел на земјата, одложувајќи го очекуваниот почеток на работа до средината на 2024 година.

Компанијата „Hinkley Point“ во Велика Британија и погоните „Taishan“ во Кина, исто така, доживеака неуспеси во производството на EPR, со пречекорувањата на трошоците и повеќе одложувања. Две единици EPR во Кина веќе влегоа во комерцијално производство, со што Олкилуото 3 е трет пуштен во употреба ширум светот.

Одлуката на Германија да ја прекине употребата на нуклеарна енергија беше популарна во земја со силно антинуклеарно движење.
Но, некои ја критикуваа одлуката како зголемување на зависноста на земјата од јаглен додека се обидува да се справи со енергетската криза предизвикана од војната во Украина.

Маркус Зедер, конзервативниот премиер на сојузната покраина Баварија, ја повика федералната влада да дозволи неговата земја да продолжи да користи нуклеарна енергија.

„Додека не заврши кризата и не заврши транзицијата кон обновливите извори на енергија, мораме да ја користиме секоја форма на енергија до крајот на деценијата“, изјави Зедер во неделата за Bild am Sonntag.

Нуклеарната технологија, исто така, забележа обновена популарност како начин за намалување на емисиите на јаглерод, при што ткн климатски активисти остро го критикуваа потегот на Германија како „грешка“, ако тоа значи согорување повеќе јаглен.

Од TVO го нарече реакторот Олкилуото 3 „најголемиот климатски чин на Финска“, додавајќи дека „ќе го забрза движењето кон општество без јаглерод“. Во Финска, анкетата од мај 2022 година покажа дека 60 отсто од Финците ја поддржуваат нуклеарната енергија.