Работниците во неколку компании од технолошката индустрија Финска ќе штрајкуваат од денеска до петок, бидејќи не е најдено решение за спорот околу платите, најавија работодавците во индустријата.
Во соопштението се наведува дека штрајкот ќе погоди 20 фирми кои вработуваат 11.000 работници, пренесува Еурактив.
Неуспешните преговори за платите меѓу претставниците на работодавачите и синдикатите во технолошкиот и индустрискиот сектор за време на викендот најверојатно ќе резултираат со штрајкови кои ќе се прошират и во другите клучни сектори во земјата.
Врз основа на инфлација од речиси 10 проценти и користејќи го неодамнешното порамнување на платите во Германија како репер, Индустрискиот сојуз побара годишно зголемување на платите од пет проценти, што беше поддржано дури и од работодавците во технолошката индустрија во Финска, пишува порталот.
Овие најави веќе се префрлија во други сектори додека другите синдикати се подготвуваат да започнат слични акции.
Професионалниот синдикат и Здружението на стручни и менаџерски кадри (ИТН) најавија тридневен штрајк на почетокот на февруари.
И синдикатот на работниците во приватниот услужен сектор, кој има речиси 200.000 членови, се закани дека ќе се приклучи.
Веројатно најштетен штрајк за извозот на земјата би бил штрајкот што го иницира Финскиот синдикат на транспортни работници (АКТ), кој претставува 45.000 транспортни работници, пишува бриселскиот портал.
Како што се наведува, повеќето колективни договори во транспортниот сектор истекуваат, а според извори на финските медиуми, транспортните работници се подготвуваат за штрајк во средината на февруари.