Во фокусот на европските инвеститори е кризата во Франција

На европските берзи претпазливо се тргува во четвртокот претпладнето додека инвеститорите ја следат политичката криза во Франција откако парламентот ѝ изгласа недоверба на владата.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,09 отсто, на 8.340 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,20 отсто, на 20.270 поени, а париски CAC зајакна за 0,59 отсто, на 7.345 поени.

Инвеститорите се фокусирани на француската политичка криза, откако пратениците од опозицијата во средата ја соборија владата на Мишел Барние. Се очекува Барние наскоро да му ја достави оставката на претседателот Емануел Макрон, кој треба да ѝ се обрати на нацијата преку телевизија во четврток вечер.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,2 отсто во истиот период од тргувањето како и во Европа. Во исто време, индексот Nikkei порасна за 0,3 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Шангај и Австралија пораснаа за околу 0,2 отсто. Во Јужна Кореја и Хонгконг, пак, бележеа пад за околу 0,9 отсто.

Инвеститорите сè уште се фокусирани на политичката криза во Јужна Кореја, откако претседателот Јун Сук Јеол првпат ја воведе и набрзо ја укина вонредната состојба. Парламентот поднесе предлог за негово отповикување рано во четвртокот поради најновите случувања, но неговата партија рече дека ќе се спротивстави на потегот.

Инвеститорите стравуваат од продлабочување на политичката криза и негативните последици од таа криза врз економијата, иако надлежните велат дека ќе ја обезбедат сета потребна финансиска ликвидност.

Цените на акциите во Хонгконг и претпладнево значително паднаа, додека на другите берзи во регионот се тргува внимателно.

Според сѐ судејќи, инвеститорите не беа импресионирани од вчерашните нови рекорди на Волстрит, откако Dow Jones зајакна 0,7 отсто, S&P 500 зајакна 0,6 отсто, а Nasdaq индексот за 1,3 отсто.