Повеќе стотици илјади луѓе дефилираа во понеделникот ширум Франција за „свечено“ но и „борбено“ да го одбележат Празникот на трудот во духот на синдикалната борба против пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон со пораката на синдикатите дека нема да се откажат, но не се случи протестен бран а полицијата извести и за вандалски инциденти.
„Овој први мај е еден од најсилните општествени движење“, возбудено изјави генералната секретарка на синдикатот CTG, Софи Бине, а нејзиниот колега Лорен Бергер од синдикатот CFDT го поздрави „огромниот одѕив на луѓето“.
Меѓутоа, првичните процени укажуваат дека сепак не се случил „плимен бран“. Според полицијата, во Стразбур се собрале 8.700 луѓе а синдикатите тврдат дека ги имало 15.000, во Лил според полицијата имало 7.300 а според синдикатите 15.000 луѓе, во Марсеј полициските процени се на 11.000 а на синдикатите дури на 130.000, а во Тулуз 13.500 според полицијата и 100.000 луѓе според синдикатите.
Во цела Франција со протести Денот на трудот го одбележале меѓу 500.000 и 650.000 луѓе, од кои 80.000 до 100.000 во главниот град Париз, според официјалните процени на властите. Синдикатите, пак, тврдат дека во цела Франција во понеделникот на улиците излегле околу милиони луѓе.
Празникот на трудот го одбележаа и нарушувања во воздушниот сообраќај, со 25 до 33 отсто откажани летови на најголемите француски аеродроми.
Инаку, најголемите синдикални акции се забележани во 2009 година, кога CGT мобилизираа речиси 1,2 милиони работници, а тогаш полицијата процени дека ги имало 456.000. Во 2002 година, синдикатите се обединија во отпорот кон лидерот на крајната десница Жан-Мари Лепен во вториот круг од претседателските избори и на улиците се собрале од 900.000 до 1,3 милиони луѓе, а тогаш полицијата немаше официјални извештаи.
Во Париз беа мобилизирани 5.000 полицајци за одржување на јавниот ред и мир, но безредија имаше и во престолнината и во другите градови.
Француската полиција се судрила со група анархисти облечени во црно, а нејзините припадници биле гаѓани со разни предмети во Париз каде вандали уништувале велосипеди и уништувале автобуски постојки, според медиумските извештаи.
Безредија имало и во Лион каде што биле запалени неколку возила, а некои деловни простории биле демолирани, според снимките на локалните телевизиски канали. Во Нант, на западот на Франција, запалена е административна зграда,
Противниците на реформата на пензискиот систем јасно порачаа дека се решителни во борбата да биде повлечена таа реформа со која заминувањето во пензија е зголемено од 62 на 64 годишна возраст. Ова беше 13-от ден со ред во кој траат синдикалните протести против омразената пензиска реформа на претседателот Емануел Макрон, кој при нејзиното усвојување го заобиколи парламентот Народното собрание, посегнувајќи првпат во историјата по посебниот член од францускиот устав.