Во Франција илјадници протестираат по изборот на Макрон на Барние за премиер

Илјадници луѓе излегоа на улиците низ Франција во саботата на протести изразувајќи незадоволство од одлуката на претседателот Емануел Макрон да го назначи политичарот од десниот центар Мишел Барние за премиер, додека левичарските партии го обвинуваат за кражба на парламентарните избори.

Макрон во четвртокот го именуваше 73-годишниот конзервативец Барние, поранешен главен преговарач на Европската унија за излегувањето на Велика Британија од блокот, завршувајќи ја двомесечната потрага по личност која ќе ја извршува премиерската функција по сопствената несреќна одлука да распише парламентарни избори коишто резултираа со парламент поделен на три блока.

Во своето прво интервју како шеф на владата, Барние во петокот вечерта рече дека неговата влада, која нема поддршка од јасно мнозинство, ќе вклучува и конзервативци, членови на таборот на Макрон и, како што рече, се надева дека ќе вклучи и политичари од левицата.

Барние е соочен со прилично тешка задача – да се обиде да иницира реформи и да донесе буџет за 2025 година, додека Франција е под притисок на Европската комисија поради потребата да го намали сопствениот дефицит.

Левицата, предводена од крајно левичарската партија Непокорена Франција (LFI), го обвини Макрон за уривање на демократијата и кражба на изборите, откако тој одби на функцијата да го избере кандидатот на левичарскиот Нов народен фронт (NFP), кој освои најмногу места во парламентот, иако нема апсолутно мнозинство.

Анкетата на компанијата „Elabe“ објавена во петокот ги покажа резултатите од истражувањето кое покажува дека дури 74 отсто од Французите веруваат дека Макрон ги игнорирал изборните резултати, а 55 отсто веруваат дека ги украл.

Реагирајќи на именувањето на Барние за премиер, чија централнодесничарска партија Републиканци (Les Republicains) е само петтиот блок во парламентот со помалку од 50 пратеници, челниците на левичарските партии, синдикатите и на студентските организации повикаа на масовни протести во саботата пред натамошни дејствија, вклучително и можни штрајкови на 1-ви октомври.

Партијата LFI најави одржување на 130 протести низ државата.

Барние ги продолжи консултациите во саботата, барајќи да формира нова влада, што е тешка задача со оглед на тоа што се соочува со потенцијално гласање за недоверба, особено со оглед на итноста на буџетот за 2025 година, за кој треба да се расправа во парламентот на почетокот на октомври.

NFP и крајно десничарската партија Национален собир (RN) заедно имаат мнозинство и, доколку одлучат да соработуваат, би можеле да го соборат премиерот со гласање за доверба. Меѓутоа, RN објави условно одобрување на изборот на Барние, што ја прави партијата клучна за формирање на новата влада.

Критичарите го обвинуваат Макрон дека ја предал моќта на владата во рацете на Националниот собир на Марин Ле Пен.