Во Франција откажан пречекот на фудбалерите

Во француската престолнина Париз откажан е денешниот пречек на националната фудбалска селекција која во неделата не успеа да ја одбрани титулата светски првак откако во финалето на мундијалот во Катар беше поразена од Аргентина, извести француската новинска агенција AFP.

Според изјавата на претседателот на Француската фудбалска федерација (FFF), Ноел Л’Грает, по слетувањето во татковината репрезентативците сакале само да заминат во своите домови.

Првично беше најавена симболична куса церемонија на плоштадот Конкорд во Париз, а поради поразот беше претходно веќе откажана класичната парада на Елисејските полјани. Сега, како што изјавил Л’Грает за телевизискиот канал BFMTV, откажана е и кусата церемонија.

Авионот со француските фудбалски репрезентативци ќе слета на парискиот аеродром „Роаси“ околу 18 часот.

„Играчите само сакаат да си одат дома, така што нема да има пречек на Елисејските полјани. Наместо тоа, ќе заминат во своите домови веднаш откако авионот ќе слета“, рекол претседателот на FFF во кусата изјава.

Французите во неделата разочарани го напуштија стадионот „Лусаил Ајконик“ во Доха. Откако 80 минути немаа ниеден шут кон противничкиот гол а Аргентина водеше со 2:0, со двата брзи погодока на Килиан Мбпае успеа да израмни на 2:2 и да оди во продолженија. „Триколорите“ уште еднаш беа во резултатско заостанување во продолженијата, но Мбапе уште еднаш реализираше пенал за 3:3 водејќи го мечот во неизвесниот пенал-рулет. Но Аргентинците беа поуспешни и заслужено дојдоа до третата титула во историјата.

Франција во четвртот финале беше поразена по вторпат. Претходно во 2018 година во Русија стана светски првак и во Катар ја испушти можноста да им се приклучи на селекциите на Бразил и Италија кои се единствените досега кои успеале да ја одбранат титулата.