Во Франција во 2024-та банкротирале рекорден број компании

Повеќе од 66.000 компании банкротираче во Франција во 2024 година, што е рекордно високо ниво од 2019 година, според извештајот на компанијата „BPCE Observatoire“.

„2024 беше рекордна година со 66.422 деловни банкротства, што е за 28 отсто повеќе од 2019 година, ‘базичната’ година пред кризата со пандемијата на коронавирус во 2020-2022 година. Вкупно 260.000 работни места беа изложени на ризик во 2024 година“, се вели во извештајот.

Во исто време, 5.265 мали и средни претпријатија прогласиле банкрот во 2024 година, вклучително и компании како најголемиот производител на стакло „Duralex“ или спортскиот бренд „Le Coq Sportif“. Оваа бројка е зголемена за 51 отсто во споредба со 2019 година.

Според истражувањето, рекордниот број банкроти на бизнисите е поврзан со „економскиот пад, инфлацијата и зголемените каматни стапки“, како и со „неизвесноста на економската политика“.

Сопствениците на компаниите веруваат дека политичката несигурност има силно влијание врз работењето на нивната компанија, при што секоја втора компанија планира да ги одложи своите инвестициски проекти, а 21 отсто имаат намера да ги откажат. Компанијата предвидува натамошно зголемување на бројот деловни стечаи во 2025 година, достигнувајќи 68.000 претпријатија.

Претходно францускиот национален институт за статистика и економски истражувања (Insee) објави дека надворешниот долг на Франција надминал 3,3 трилиони евра и достигна 113,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Во втората половина на 2024 година пораснал за 72 милијарди евра и сега изнесува рекордни 3,303 трилиони евра.

Поранешниот француски премиер Мишел Барние претходно објави дека сервисирањето на националниот долг ја чини Франција 60 милијарди евра годишно. Во декември тој се соочи со гласање за недоверба, кога тврдокорната левица и крајната десница го казнија затоа што се обиде да протурка непопуларен буџет низ парламентот без гласање. Во предлог буџетот беа предвидени заштеди во износ од 60 милијарди евра за да се намали големиот дефицит.

Францускиот предлог-закон за буџет за 2025 година, претставен од Барние, предвидуваше воведување режим на „штедење“. Барние рече дека владата планира да ја намали јавната потрошувачка за 40 милијарди евра во 2025 година, а уште 20 милијарди ќе се соберат преку зголемување на даноците. Тој изјави дека властите имаат намера да го намалат растечкиот национален долг на Франција, кој ја ослабува позицијата на Франција во Европа, преку даноците од приходите на богатите граѓани и големи компании. Тој, исто така, рече дека планира да го намали буџетскиот дефицит од околу 6,1 отсто на 5 отсто од БДП-то во 2025 година и 3 отсто од БДП-то до 2029 година.