Полицијата во Везел, во западна Германија, приведе пет мажи поврзани со можни терористички напади на катедралата во Келн, беше објавено во вторникот вечерта.
„По претресот на објект во Везел на Бадник, полицијата привела пет мажи, а по распит едно лице е задржано во притвор до 7-ми јануари“, соопштија од полицијата.
Како што беше дополнително соопштено, во притвор е приведен 30-годишен Таџикистанец, за кого властите „имаат сознанија поврзани со загрозување на државната безбедност“.
„Полицијата ги користи сите законски средства за да ги заштити граѓаните, катедралата и претстојната новогодишна прослава“, изјави директорот на градската криминалистичка полиција во Келн, Махаел Есер по апсењата во Везел.
Во саботата вечерта, по дојава за можен бомбашки напад, полицијата со кучиња ја пребарала катедралата во Келн, но во таа прилика не бил пронајден експлозив.
Според германските медиуми, има информации од тајните служби дека авганистанскиот огранок на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава подготвува напади во Европа во текот на божикните и новогодишните празници.
Во вторникот полицијата во Келн одлучи да ја задржи безбедносната мерка затворање на Келнската катедрала за сите посетители, со исклучок на учесниците на литургиските служби.