Германската филијала на автомобилскиот концерн „Ford“ воведува намалено работно време поради „драстично намалената“ побарувачка за нејзините модели на електрични автомобили, објавија во вторникот германските медиуми.
„Ford аплицираше до федералната канцеларија за труд за воведување на намалено работно време поради драстичното намалување на побарувачката за електрични автомобили“, изјави портпаролката на концернот за дневниот весник Koelner Stadt Anzeiger.
Концернот соопшти дека побарувачката за електричните модели на „Ford“ драстично паднала, особено во Германија, поради што, како што беше речено, неопходно е да се намали обемот на производство.
Погоните на „Ford“ во Келн би работеле само секоја втора седмица до божикните празници. Во овие погони се произведуваат електрични верзии на моделите „Explorer“ и „Capri“.
По „Volkswagen“, кој пред неколку седмици најави затворање на фабрики во Германија и отпуштање на илјадници вработени, „Ford“ е вториот германски автомобилски концерн кој најави намалување на обемот на производството.
Во Германија, по укинувањето на субвенциите за купување електрични автомобили на крајот на минатата година, побарувачката за овој тип автомобили драстично опадна. Стручњаците сметаат дека обновените дискусии околу одложувањето на забраната за автомобили со мотори со внатрешно согорување дополнително доведуваат до неизвесност кај потрошувачите и придонесуваат за намалување на побарувачката за електрични автомобили.