Германскиот таблоид Bild го објави планот на сојузната влада во Берлин за активностите за заштита на населението во случај на голем воен судир со Русија.
Според написот со наслов „Владата објави нов план за воена состојба: Што би требало да направат сите Германци доколку нападне Русија“, се наведува дека новиот план ги регулира сите области од општественото живеење и економијата: предвидени се регулативи за граѓаните, компаниите, болниците, супермаркетите, како и за вооружените сили.
во таква евентуална ситуација ширум Германија ќе бидат распоредени единици на источното крило на НАТО. Исто така, активни ќе бидат ширум земјата и најподготвените единици на Бундесверот (германската армија). Во планот директно се наведува дека во случај на истовремен напад врз неколку места, државата нема да може истовремено веднаш да им пружи помош на сите на коишто им е неопходна, па оттаму населението треба да биде подготвено барем во првите моменти самото да се справи со тешкотиите.
Покрај тоа, во случај на бомбардирања планирано е како засолништа за цивилите да се користат подрумски и подземни гаражни простори во зградите, како и станиците на подземната железница. Властите, исто така, го задржуваат правот да спроведат евакуации на цели одредени области, но притоа не е дозволено раздвојување на семејствата. Дополнително се наведува дека болниците мора да бидат подготвени да примат зголемен број пациенти во подолги временски периоди.
Планот подразбира и забрана за распуштање на Бундестагот (парламентот) додека „Германија се брани“. Покрај тоа, во случај на евентуален воени судир, земјата е под ризик да се судри со недостиг од прехранбени продукти, па затоа им се овозможува на соодветните министерства и агенции за храна да воведуваат регулирања и нормирање на дистрибуцијата на храна за населението, а владата треба да осигури создавање залихи главно од житарки на тајни и безбедни локации. Владата во тие случаи ќе прави „итни набавки и залихи“ на ориз, мешунки и кондензирано млеко да за на населението да му се обезбеди барем ден топол ручек дневно во воени услови. Во прв ред, станува збор за план кој го опфаќа населението на големите германски градови.
Германските власти, исто така, го задржуваат правот да ги обврзат компаниите да произведуваат стоки исклучиво за воени потреби. Покрај тоа, доколку се влоши ситуацијата во државата, ќе се врати на сила и задолжителното служење на воениот рок, односно населението во секое време ќе може да бидат повикани во војската. Лицата на возраст над 18 години можат да бидат упатени на извршување одредени дејности, на пример во поштите, пекарниците или како испомош во болниците.
Сегашниот план за дејствување во случај на воен судир е всушност ревидирана верзија на планот од 1989 година, наведува Bild.
Неговото објавувања, без потврда од владата за автентичноста, доаѓа ден откако германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Берлин треба да се подготвува за можна војна со Русија кон 2029 година. Неговата изјава, пак, е една од низата слични тврдења на европските и челниците на западните земји предводени од САД, кои предупредуваат за „закана“ од наводен руски напад во следните неколку години врз земјите членки на ЕУ и НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин во средата вечерта на прес-конференцијата организирана за странските новинари во Санкт Петербург на маргините на тамошниот економски форум, меѓу другото ги опиша како „бесмислици“ изјавите дека Русија има намера да ги нападне земјите од НАТО. Путин истакна дека тоа би била „глупост, доколку не е идеја да се измамат сопствените граѓани“ за одржување на воената психоза и оправдување за влошената економска ситуација во тие земји. Путин додаде и дека тоа се потези чијашто цел е „да се осигури западните земји да ја задржат својата империјална позиција“.