Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер укажа во четвртокот во Бундестагот на акутната опасност од терористички напади со исламистичка заднина во Германија, но истовремено ги отфрли, како што рече, избрзаните барања за законски промени по терористичките напади во Франција и Австрија.
„Нивото на опасност од терористички напади во Германија е непроменето висока“, изјави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, поранешен премиер на сојузната покраина Баварија и поранешен челник на тамошната Христијанско-социјална унија (CSU) постојан партнер на Христијанско-демократска унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел.
Во текот на обраќањето пред пратениците во Бундестагот на седница посветена на заканата од исламистичкиот тероризам, Зехофер укажа дкеа само во текот на оваа година во земјата се забележани три терористички напади со исламистичка заднина, како и дека сторителот на нападот во понеделникот вечерта во Виена имал контакти со припадници на радикализираната исламистичка сцена во Германија.
„Ние, преку случајот во Виена, имаме некои врски и кон потенцијално опасните исламисти во Германија“, рече Зехофер без да навлегува во поединости.
Зехофер го отфрли барањето за построги закони како инструмент во борбата против исламистичкиот тероризам.
„Јас секогаш сум против брзите и непромислени законски промени. Многу е поважна примената на постојните закони“, рече Зехофер.
Челникот на евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), Мартин Хес, во текот на парламентарната дебата ѝ забележа на германската влада дека потполно потфрлила во борбата против исламистичкиот тероризам.
„Исламистите на Европа ѝ објавија војна и ние мораме конечно да го возвратитем ударот“, рече Хес и притоа од владата побара протерување од земјата на сите исламисти кои Бирото за заштита на уставниот поредок (BND) ги карактеризирало како опасни.
Зехофер му одговори дека е погрешно да се мисли дека со протерувањето може да се реши проблемот со исламистичката опасност во Германија.
„Тоа не е толку едноставно: од 615 потенцијално опасни лица во Германија, 217 се германски државјани, а 119 поседуваат двојно државјанство“, појасни Зехофер.
Во текот на парламентарната расправа некои пратеници осврнувајќи се на случајот со францускиот сатиричен магазин Charlie Hebdo кој со години го предизвикува гневот на муслиманите ширум светот со објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед што за ниве е голема навреда и светогрдие па е цел на џихдитие, го бранеа правото на сатирично изразување.
„Во слободата на изразувањето спаѓа и фактот дека верските заедници мора да ги прифатат критиката и сатирата“, рече претеникот од Либерално-демократската партија (FDP), Штефан Тома.,
Таканаречениот „актуелен час“ во германскиот парламент на темата борба против исламитичкиот терор во Европа го побараа партиите на владејачката коалиција на демохристијаните и социјалдемократите.