Во Германија жена починала по вакцинирањето со „AstraZeneca“

Жена починала во Германија како последица од несакан ефект по вакцинирањето против коронавирусот со препаратот на „AstraZeneca“, соопштија во четвртокот властите на округот Херфорд во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, повикувајќи се на резултатите од обдукцијата.

Според Институтот за иминулогија и трансфузиологија при Универзитетот во Грајсфалд, имунолошкиот одговор на вакцината резултирал со смрт на 32-годишна жена. Како причина за смртта е идентификувано нарушување на коагулацијата на крвта со церебрална хеморагија, покажале резултатите од обдукцијата.

Жената починала на 9-ти март, неколку дена откако ја примила вакцината против Covid-19. По пријавувањето на смртниот случај, здравствените власти наредиле обдукција за утврдивање на точната причина за смртта.

Употребата на вакцината на англо-шведската фармаколошка лабораторија „AstraZeneca“ беше целосно прекината на 15-ти март во Германија, како мерка на претпазливост по пријавите на тромбоемболиски несакани ефекти поврзани со вакцинацијата. Подоцна, откако Еврпопската агенција за лекови (ЕМА) објави дека вакцината е безбедна и ефикасна, како и дека полезноста далеку ги надминува ризиците од вакцинирањето, Германија на 19-ти март продолжи со употребата на вакцината.

Постојаната комисија за вакцинации (STIKO) при референтниот Институт „Роберт Кох’ на 30-ти март направи измена во препораките за употреба на вакцината на „AstraZeneca“, и сега таа во Германија е наменета за лица над 60 години. Помладите од 60 години кои ја примиле првата доза од вакцината на „AstraZeneca“ ќе бидат ревакцинирани со препаратите на „Pfizer/BioNTech“ и на „Moderna“, соопштија од STIKO.