Во Германија во моментов живеат најмал број млади од почетокот на водењето статистика во 1950 година, соопшти во понеделникот Сојузното биро за статистика во Визбаден.
„Од 83,2 милиони жители, колку што на 31-ви декември 2021 година живееле во Германија, само 8,3 милиони или 10 отсто е на возраст меѓу 15 и 24 години“, соопшти германското статистичко биро.
Станува збор за најнискиот таков показател од водењето на таквата статистика пред 72 години и претставува продолжување на падот бројот на младите кој започнал во 2005 година. Единствена година кога овој тренд бил запрен во 2015 година, кога во Германија пристигна рекорден број бегалци од Блискиот исток.
Во вкупното население, старосната група на млади од 15 до 24 години била најбројна на почетокот од 1980-те години, кога припадниците на ткн „бејбибум“ генерацијата се наоѓале во таа возраст. Тогаш во вкупниот број на германското население уделот на 15 до 24-годишниците изнесувал 16,7 отсто.
Најмалку млади живеат во сојузните покраини Брандебург, Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија, кои некогаш припаѓале на Источна Германија и кои по обединувањето на Германија доживеале силен одлив на населението.
Германија се наоѓа малку под европскиот просек од 10,6 отсто на младите меѓу 15 и 24 години. Најнизок процент на оваа старосна група е забележан во Бугарија со 9 отсто, а највисок во Ирска со 12,6 отсто.