Во Германија значително зголемен бројот напади врз бегалци

Бројот на напади врз бегалци и баратели на азил во Германија значително се зголемил оваа година, соопшти во вторникот германската влада.

„Во првите три квартала од оваа година евидентирани се 1.515 политички мотивирани напади врз бегалци и баратели на азил, што е повеќе од целата претходната година“, се вели во одговорот на германската влада на истрагата на пратеничката група на Левицата во Бундестагот.

Најголем број напади, две третини, им се припишуваат на извршителите од политичкото милје од екстремната десница. Партијата Левица го критикуваше зголемувањето на насилството врз бегалците и барателите на азил и го поврза ова зголемување со актуелната дебата за ограничување на илегалната имиграција во Германија.

„Во Германија бегалците секојдневно се цел на напади, понижувања и ширење омраза. Една од причините е сè поинтензивната дебата за барателите на азил, што обезбедува плодна почва за расистичка мобилизација на улица и насилство насочено кон бегалците“, рече претставничката на партијата Левица, Клара Буенгер.

Сојузната влада и претставниците на сојузните покраини неодамна договорија пакет мерки кои треба да резултираат со намалување на бројот на бегалците и барателите на азил, кои од почетокот на оваа година повторно во зголемен број доаѓаат во Германија. Меѓу другото, мерките вклучуваат зголемена контрола на границите, како и укинување на социјалните бенефиции за бегалците, што треба да ја намали атрактивноста на Германија како дестинација за мигрантските текови.

Германските граѓани во анкетите на јавното мислење го наведуваат токму проблемот со неконтролираната имиграција како најголем социјален проблем. Партиите како десничарската евроскептична и противдоселеничка Алтернатива за Германија (AfD), кои се противат на сите форми на имиграција, имаат најголема корист од ова расположение. AfD ужива поддршка од нешто помалку од една четвртина од гласачите во анкетите на сојузно ниво, втора е на нивно во целата земја и е веројатно најсилната политичка сила во сојузните покраини на истокот на Германија.