Уделот на пушачите во Германија значително се зголемил од почетокот на пандемијата на коронавирусо пред повеќе од две години, покажува истражувањето чиишто прелиминарни резултати во саботата ги пренесе службената новинска агенција DPA.
Повеќе од третина, или 34,5 отсто, лица на возраст од 14 години и повозрасни пушат, покажува истражувањето за навиките на пушачите спроведено од DEBRA, а кое сѐ уште трае.
Пред избувнувањето на пандемијата на почетокот од 2020 година, пушеле околу 27 отсто од Германците, според истражувањето со коешто се следат пушачките навики меѓу пошироката поппулација.
Епидемиологот и шеф на DEBRA, Даниел Котц, ги опишува порастот како „застрашувачки развој на настаните“. Котц овој тренд првенствено го припишува на враќањето на поранешните пушачи кои повторно почнале да пушат поради стресот и чувството на вознемиреност предизвикани од пандемијата на Covid-19.
Истакнува дека, сепак, е охрабрувачки што помалку помлади почнуваат да пушат, за разлика од трендовите од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
„Охрабрувачки е што сѐ помалку млади луѓе пушат. За жал, во моментов забележуваме спротивен тренд меѓу возрасните“, повторува Кристина Румел, директорка на Германскиот центар за проблеми со зависностите.
Румел е меѓу оние кои велат дека владата не прави доволно за да се спречи пушењето со силна политика на превенција, за разлика од, на пример, Нов Зеланд кој во иднина има намера целосно да ја забрани продажбата на цигарите.
„Кога станува збор за политиката на контролата на тутунот, Германија е меѓу земјите кои заостануваат во споредба со другите држави“, вели Румел.
Катрин Шалер од Германскиот центар за истражување на ракот во Хајделберг вели дека Германија мора да ги сузбие рекламите и продажба преку автомати.
„На пушачите им се нуди премалку поттикнувања да престанат да пушат и добиваат премалку поткрепа да престанат. Покрај тоа, производителите сѐ повеќе лансираат нови производи како што се е-цигарите, загреачите на тутун и никотински вреќички“, додава Шелер.