Серијата земјотреси со епицентар во селото Топојани во близина на пограничното гратче Булќиза во Албанија, каде припаѓа и Голо Брдо, предизвикаа материјална штета кај повеќе индивидуални куќи и во оваа област, која е на самата албанско-македонска граница, кај Дебар.
-Со помали оштетувања се повеќе куќи во неколку села, додека со поголеми се дваесетина, во селата Требиште, Острени и Клење. Станува збор за постара градба. Посебни оштетувања предизвика земјотресот во петокот во 8:10 часот, кој беше со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала, изјави за МИА Едмонд Османи, администратор на административната единица Требиште.
Според него, евидентирани се сите сопственици чии домови се со поголеми оштетувања и се пријавени до локалната власт на Булќиза.
Додава дека комисијата за проценка на штетата треба да пристигне деновиве и нагласува дека од градоначалникот Лефтер Ала и од владата на премиерот Еди Рама веќе е најавена помош за санирање на штетите.
Албанските медиуми пренесуваат дека во цела општина Булќиза, која припаѓа на околијата Пешкопеја (Долни или Мал Дебар) материјална штета е предизвикана на најмалку 100 објекти, но, за среќа, нема целосно оштетни куќи.