Во Гостивар започна кампања за поттикнување на вакцинирањето

Четири специјализирани тимови до крајот на мај низ гостиварската општина ќе вршат домашни посети и ќе ги информираат граѓаните за важноста од навремено вакцинирање од заразни болести.
Од службата за вакцинација која работи во склоп на Здравствен дом Гостивар информираа дека кампањата „од врата до врата“ предвидува директни контакти со родителите на деца и нивните најблиски.
– Освен промовирање на важноста од вакцинирање, граѓаните ќе може да прашаат и да добијат соодветни и стручни одговори поврзани со имунизацијата. Освен на родителите на децата, за кои се задолжителни вакцините против заразни болести, на останатите во семејството ќе им разјаснат дилемите кои им се наметнуваат и за другите вакцини, рече д-р Дафина Богданоска од службата за вакцинација при Здравствен дом Гостивар.
Таа посочи дека вакцинирањето се покажало како ефикасно против ширењето на морбили во последниот случај. Заразата не се пренела на најблиските и лицата кои биле во контакт, бидејќи сите биле вакцинирани.
Богданоска посочи дека вакцинирањето во гостиварско има тренд на опаѓање и опфатот за редовните вакцини се движи од 80 до 83 проценти. Како исклучително неповолен го оцени опфатот со вакцинирањето за ХПВ и ММР.
Според предвиденото секој тим составен од лекар, медицинска сестра дневно ќе посети по петнаeсетина семејства.
Во тек на кампањата на неделата на Светска имунизација, целта е сите, особено децата, да ги добијат вакцините што можеби ги пропуштиле по ковид пандемијата.
На ваков начин треба да се зголеми опфатот со вакцина повеќе деца, возрасни и нивните заедници да бидат заштитени од болести кои можат да се спречат со вакцини, како детска парализа и сипаници.