Во гранатирањето на Николаев загина водечкиот украински агро-бизнисмен

Сопственикот на најголемата украинска компанија „Нибулон“ во земјоделскиот сектор, Алексеј Вадатурски загинал заедно со сопругата при руско гранатирање на јужниот град Николаев, соопшти во неделата шефот на регионалната воена администрација Виталиј Ким.

„Изминатата ноќ како резултат како гранатирање на градот трагично загинаа херојот на Украина, извршниот директор на компанијата ‘Нибулон’, Алексеј Атанасиевич Вадатурски и неговата сопруга Раиса Михајловна Вадатруска“, објави Ким на својот Telegram канал.

Загинувањето на 74-годишниот претприемач во агро-секторот објави и шефот на пратеничката група на украинската владејачка партија Слуга на народот, Давид Арахамија.

За советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Михаил Подолјак, загинувањето на Вадатурски чиј дом бил погоден во руското ракетирање во кое имало вкупно шест жртви, не било случајно, туку „сосема обмислено убиство со намера“.

„Вадатурски беше еден од најголемите фармери во земјата, клучната личност за регионот и голем работодавач. Прецизниот погодок не само во куќата, туку во конкретен дел од неа – спалната соба, не остава сомнеж за наведеност и прецизирање на ударот“, објави Подолјак.

Според податоците на украинскиот издание на деловниот магазин Forbes, Вадатурски со проценета сопственост во вредност од 430 милиони американски долари во 2021 година, бил 24-ти на листата од 100-те најбогати луѓе во Украина.