Поштенското гласање во Грција што сега важи само за евроизбори и референдуми, грчката Влада планира да го воведе и за парламентарните избори, како што најави премиерот Кирјакос Мицотакис, додека пак според „Катимерини“ се разгледува можноста и за поедноставување на гласачките ливчиња, јави МИА од Атина.
Мицотакис во интервјуто за радиото „Параполитика“ вчера рече дека поштенското гласање и на парламентарните избори ќе биде една од нивните први законски иницијативи изразувајќи желба пред крајот на годината да биде усвоена, објасни дека неопходно е двотретинско мнозинство, но и посочи дека треба да се надмине и уставното толкување.
Весникот „Катимерини“ денеска анализира дека за Грците кои живеат во странство да можат да гласаат по пошта на парламентарните избори, секако ќе биде потребно зголемено мнозинство, но за да се спроведе и во внатрешноста на земјата, тогаш постојат три сценарија во однос на уставното толкување, а не е исклучена можноста да биде потребна и ревизија на Уставот.
Паралелно, повикувајќи се на свои извори, „Катимерини“ пишува дека грчката Влада размислува воведување едно гласачко ливче на парламентарните избори, а не како досега секоја партија да има посебно, со што „ќе се заштедат огромни количини хартија и пари“.
На претстојните европски избори на 9 јуни за првпат се воведува поштенското гласање во земјата, а според медиумите, пријавени биле над 150.000 граѓани.