Во Грција од утре невакцинираните здравствените работници одат на принуден одмор

Сите вработени во државните и приватните болници во Грција, кои не се вакцинирани, од утре ќе бидат на принуден неплатен одмор, со оглед на тоа дека истекува рокот на грчката Влада за задолжителната вакцинација на здравствените работници, јави дописничката на МИА од Атина.

Пораките од Владата, како од портпаролот, така и од алтернативниот министер за здравство се дека одлуките и законот ќе се применат и тоа во целост и нема да има никакво пролонгирање.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот редовен брифинг со новинарите објасни дека „законот што предвидува суспензија за оние кои не примиле барем една доза, ќе се спроведе и законот ќе се примени во целост“ и додаде дека дури и да решат невакцинираните да се имунизираат по 1 септември, не е сигурно дека ќе се вратат на истите позиции.

Алтернативниот министер за здравство на Грција Василис Кондозаманис, вчера рече дека според податоците што секојдневно ги добиваат, сè повеќе здравствени работници се вакцинираат.

-Секој ден се зголемува бројот на вакцинирани здравствени работници. До среда, верувам дека ќе биде покриен еден многу голем дел. За персоналот во целост достигнува до речиси 85 отсто, но ви секој случај не треба да го гледаме само вкупниот број, туку да видиме што се случува на ниво на секоја единица, за да можеме да направиме план, објасни Кондозаманис.

Против задолжителната вакцинација е грчката федерација на вработени во државните болници, кои минатата седмица одржаа масовни протести во Солун и Атина и истакнаа дека не се против вакцината, туку едноставни не се согласуваат имунизацијата да биде задолжителна.

Минатиот месец беше соопштено дека вакцинацијата, од 16 август ќе биде задолжителна за сите вработени во центрите и институциите во Грција наменети за грижа на лица, а од 1 септември и за здравствените работници, како и за административниот персонал во болниците, здравствените центри, дијагностички центри, центрите за рехабилитација, клиниките итн, без разлика дали се приватни или јавни здравствени структури.

Според официјалните податоци, заклучно со вчера, во Грција над 5,7 милиони граѓани или 54,5 отсто од општото население, односно 63,6 проценти од полнолетната популација се целосно вакцинирани, додека пак барем една доза од вакцината примиле над шест милиони граѓани, што е 57,3 проценти од општото или 66,5 од полнолетното население.