Во Хрватска лани се родиле 32.170 деца, најмалку во последните 32 години

Во Хрватска минатата година се родени најмалку деца од 1991 година наваму, а животниот век е за три години пократок од просекот на ЕУ, покажуваат податоците на Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ) за природното движење на населението во 2023 година.

Според овие податоци, лани во Хрватска се родени 32.170 деца и земјата во последните три децении е една со низок наталитет. Во 1997 година, на пример, во таа земја се родиле 55.501 дете, во 2000 година 43.746, а од 2013 година и по влезот на Хрватска во ЕУ, тој број падна под 40.000 и продолжува да се намалува.

Лани, според истите податоци, паднала и смртноста – имало 51.275 умрени, за 5.704 помалку од 2022.

Стапката на природниот прираст била негативна и изнесувала -5,0, односно имало 19.105 повеќе починат од родени.

Речиси сите хрватски окрузи имаат негативен природен прираст, а со најлоша состојба е Личко-Сењска, потоа Приморје-Горски Котар и Карловац. Најдобра е состојбата во округот Меѓумурје.

Според податоците на Евростат, очекуваниот животен век кај мажите во Хрватска се зголемил од 74,6 на 75,4 години, додека кај жените од 80,8 на 81,8 години.

Очекуваниот животен век во Хрватска е три години покус од просекот на ЕУ, па така лани во Хрватска просекот за двата пола бил 78,6 години, а во ЕУ 81,5 години.

ХЗЈЗ објави и извештај за абортуси во здравствените установи во 2023 година, според кој се евидентирани 3.015 легално предизвикани абортуси или 9,3 абортуси на сто раѓања. Бројот на абортуси лани бил за 23 помалку од 2022 година.