Најмалку 60-ина деца умреле во најголемата болница во областа Горакпур, во северната индиска сојузна држава Утар Прадеш најнаселената во земјата, оваа седмица, а тамошните медиуми пишуваат дека причина за тоа е недостиг од апарати со кислород.
Меѓу жртвите се и 34 новороденчиња кои умреле на неонаталниот оддел за интензивна нега, а 12 починале од енцефалитис. Другите дечиња починале од други причини коишто не се специфицирани.
Локалните медиуми известуваат дека некои од смртните случаи се предизвикани од недостиг од кислород, бидејќи приватниот снабдувач ја повлекол својата опрема откако болницата не ги исплатила своите обврски кон него. Болницата „Baba Raghav Das Medical College“ (BRD) негира дека тоа е причина за смртта.
Болницата соопштила дека во четвртокот се случил „пад на притисокот при снабдувањето со течен кислород“, но истакнува дека цилиндарите ги набавиле од различни снабдувачи, а не наведува дека тоа било причина за смртните случаи. Во четвртокот починале 23 деца, вклучително и 14 новороденчиња на неонаталниот оддел.
Индиските власти го истражуваат случајот, а ситуацијата лично ја следи и премиерот Нарендра Моди, бидејќи опозицијата за оваа трагедија ја обвинува негрижата на неговата владејачка партија BJP.
Епидемиите од енцефалитис секоја години одземаат стотици живот, во прв ред во периодот на монсуните. Болеста најчесто ја предизвикува пиењето заразена вода или консумирањето на заразена храна, со каснувања од комарци или преку дишните органи при контакт со заразено лице.
Индија издвојува околу еден процент од бруто домашниот производ (БДП) за јавното здравство, со што спаѓа во групата земји во светот коишто најмалку трошат за овој сектор. Сите индиски влади досега беа критикувани бидејќи не го реформираа системот за здравствена грижа кој е преоптоварен во втората најнаселена земја на планетата, со хроничен недостиг од лекари и руинирана медицинска инфраструктура.
Владата на премиерот Моди последните години го зголеми буџетот за здравство и вети дека ќе стори здравствената грижа да стаен попристапна за сиромашното население.