Во Ирак уапсен влијателен командант на Исламската држава

Ирачките безбедносни сили уапсиле високопозициониран борбен командант на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, објави во понеделникот Јахја Расул, портпаролот на ирачката војска, без да открива поединости за операција и за идентитетот на приведениот џихадист.

„По интензивното набљудување и заедничките разузнавачки напори на високото ниво, единицата за специјални операции при Дирекцијата за борба против тероризмот спроведе операција во провинцијата Анбар, која заврши со притворање на опасен лидер на терористите, кој ја извршувал функцијата на таканаречен заменик началник на терористичките формарции на Исламската држава во Ирак“, објави Расул на својот официјален профил на Twitter.

Покрај тоа, воениот портпарол наведува дека во рамките на одделна операција во провинцијата Салах ал-Дин, биле приведени уште двајца терористи кои своевремено учествувале во масакрот во воздухопловната база „Спајкер“ во близина на градот Тикрит во 2014 година, кога се погубени 1.700 регрути и млади ирачки војници, главно припадници на шиитското мнозинство.

Кон крајот на 2017 година, три години откако Исламската држава со ненадејна офанзива освои големи територии на Ирак и соседна Сирија на коишто прогласти свој ткн „калифат“, ирачката армија со поддршка на меѓунаородната коалиција и главно силите на шиитската доброволечка милиција, објави завршување на операцијата на чистење територијата од терористите, како и на џихадистичките келии притаени во одделни области.