Водачот на нарко-картелот „Компанио Бело“, Дритан Реџепи, е уапсен во акција на турската полиција во Истанбул, потврди министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.
Дритан Реџепи, кој е баран од властите на Албанија и Италија и кој се наоѓа на „црвената потерница“ на Интерпол поради убиства, трговија со дроги, грабнувања, изнудувања, незаконски лишувања од слобода, фалсификувања патни исправи и нелегална трговија со оружје и муниција, е уапсен во текот на полициската операција во најнаселениот град во Турција, објави Јерликаја на социјалната мрежа Х.
Според извори на турските медиуми блиски до безбедносните сили, Реџепи влегол во Турција преку аеродромот во Истанбул, користејќи колумбиски пасош на име Бенјамин Омар Перез Гарсија.
Водачот на картелот е откриен со сораотка во рамките на размената на разузнавачки информации меѓу Турција и Италија.
„Компанио Бело“ е позната како организирана криминална група од големи размери и како голем играч во криумчарењето наркотици од Јужна Америка во Европа.