Италијанските власти соопштија во вторникот дека отвориле истрага за остриот скок на цените на заштитните маски и гелови за дезинфекција на рацете по појавата на новиот тип коронавирус на северот од земјата.
„Одлучивме да покренеме истрага по медиумските извештаи за налудничаво високите цени по коишто овие производи се продаваат на интернет последните два дена“, изјави заменичката на миланскиот државен обвинител Тицијана Сичилиано.
Во Италија е забележан најголемиот скок на бројот на заразените со коронавирусот Covid-19 во Европа, со повеќе од 260 заразен и седум смртни случаи, главно на северот на земјата.
Многу аптеки наведуваат дека имаат недостиг од заштитни маски и гелови за дезинфекција на рацете и многу граѓани се вртат кон интернет каде што цените на овие артикли се вивнаа.
„Цените на маските на интернет пораснаа од еден евроцент на дури 10 евра, а шише од средство за дезинфекција од 7 евра минатата седмица се искачија на 39 евра во понеделникот“, рече Сичилиано.
Полицијата, пак, предупреди на криминалци кои се претставуваат како здравствени инспектори, користејќи лажни исправи за да влезат во домовите на граѓаните и крадеа пари или други драгоцености.