Случај на инфекција со новата варијација на коронавирусот е откриен во Италија, соопшти во неделата вечерта италијанското министерство за здравство, прецизирајќи дека заразеното лице и неговиот партнер неодамна се вратиле од Велика Британија, а истовремено водечкиот италијански епидемиолог изјави дека новиот сој има иста реакција на вакцината како и „обичната“ мутација.
„Новиот сој на новиот вид коронавирус е идентификуван во анализата на примероците од еден од заразените во научниот оддел во воената болница Челио“, се наведува во соопштението на италијанското министерство за здравство.
Пациентот и неговата партнерка неодамна се вратиле од Велика Британија преку римскиот аеродром Фјумичино, се додава во соопштението. Се нагласува дека инфицираните и нивните блиски контакти веднаш биле изолирани и се преземаат сите пропишани процедури.
Геномот на новиот сој на вирусот SARS-CoV-2 беше потврден во Велика Британија. Според досегашните сознанија, тој од средината на ноември започнал да се шири во Лондон и во југоисточна Англија и за него се врзува последното нагло ширање на коронаинфекциите во споменатите региони. Според британските инфектолози, станува збор за мутација која е за 70 отсто позаразна од основата варијација на вирусот, но дека нема докази и дека влијае врз зголемување на смртноста.
По потврдата на британските власти, италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца во неделата изјави дека земјата ги прекинува сите летови кон сите аеродроми во Велика Британија до 6-ти јануари и воведува забрана за влез, дури и за транзит, за луѓето кои престојувале во Обединетото Кралство последните 14 дена.
Новата варијанта на коронавирусот, која веќе е потврдена и во Данска, Холандија и Австралија, според првичните податоци, има слична реакција на вакцината како и „оригиналниот“ коронавирус, изјави во неделата челникот на одделот за рано предупредување на заразни болести при италијанскотото министертво за здравство, епидемиологот Џовани Реца.
„Новата варијанта на SARS-CoV-2, кој во моментов се среќава во Лондон и југоисточна Англија, има мутации на протеинот на површината на вирусот, ткн ‘шилец’. Иако постојат хипотези дека овие мутации може да ја зголемат преносливоста на вирусот, тиа се чини дека не ја менуваат неговата клиничка агресивност, ниту на неговиот одговор на вакцината“, вели Реца во видео-обраќањето кое го објави министерството за здравство.