Во Италија повеќе од 2.000 нови заразени од ковид-19

Италија забележа 2.548 нови инфекции со коронавирус во последните 24 часа, и за прв пат од крајот на април земјата ја надмина границата од нови 2.000 случаи на ден, соопшти Министерството за здравство на Италија.

Во четвртокот, 24 лица починаа од ковид-19, а еден ден порано починаа 19 лица. Тоа е многу помалку отколку на врвот на пандемијата во март и април.

Италија беше првата земја во Европа погодена од ковид-19 и од избувнувањето на пандемијата во февруари, 35.918 лица во оваа земја починаа од ковид-19. Вкупно 317.409 лица досега биле заразени со вирусот САРС-КоВ-2.

Благодарение на најстрогиот карантин во светот, владата беше во можност да ја стави болеста под контрола до летото.

Иако има зголемување на нови случаи од инфекцијата во последните два месеци, бројот на заразени лица во Италија сè уште е далеку помал отколку во некои други места во Европа.

Имено, Франција, Шпанија и Велика Британија имаат илјадници нови инфекции во еден ден.

Последен пат Италија има заразено над 2.000 за еден ден на 29 април. Истиот ден починале 323 лица.