Во близина на Милано е уапсен руски државјанин со чеченско потекло, за кој полицијата тврди дека ги снабдувал со фалсификувани документи членовите на терористичката ќелија чиј припадник на 2-ри ноември го изведе терористичкиот напад во австриската престолнина Виена кога усмрти четири лица, пишува во петокот дневниот весник Corriere della Sera.
Полицијата во Милано во четвртокот објавила дека е уаспен доселеник од Чеченија, кој се занимавал со илегално правење и препродавање фалсификувани документи преку интернет. Во соопштението е наведено дека италијанските истражни органи ја добиле информацијата од колегите од Австрија до кои било дојдено во текот на антитерористичката операција во оваа земја. Во објавата се истакнува дека истрагата била забрзана по „неодамнешните настани во Париз, Ница и Виена“.
Како што пишува Corriere della Sera, 35-годишникот роден во чеченската престолнина Грозни идентификуван како извесен Турко Арсимеков, е осомничен дека припаѓал на „ќелија чеченски и балкански терористи, кои дејствувале во Австрија“ со којашто бил поврзан и 20-годишниот извршител на нападот во Виена, Кујтим Фејзулаи, австриски државјанин роден во семејство доселено од Македнија.
Весникот притоа, повикувајќи се на извори од истрагата, не исклучува дека група поранешни борци на џихадистичката организација Исламска држава кои се вратиле од боиштата на Блискиот исток во Европа, можела да биде поврзана со нападот во базиликата во Ница и убиството на гиманзискиот професор Самуел Пати кој кон средината на октомври среде бел ден крај Париз беше обезглавен од 18-годишен радикализиран ученик по потекло од Чеченија.
Во информациите кои ги доставиле австриските служби, Арсимеков бил посочен како еден од контактите на „чеченската исламистичка ќелија“. Трагите на оваа група се појавиле минатата 2019 година, кога австриската полиција открила подготовки за напади во Виена во текот на Божикните празници, пишува миланскиот дневен весник.
„Припадниците на одделот за антитероризам во Милано откриле дека Арсимеков не само што константно ја снабдувал австриската ќелија со документи, туку исто така добивал постојан прилив на пари од терористичката група“, се наведува во написот.
Консултираните експерти за Corriere della Sera рекле дека висината на паричните трансфери од 300 до 400 евра, може да укажува на шема за продажба и снабдување со оружје. Поради тоа, уапсениот покрај за фалисфикување документи, бил осомничен и за учество во организирање терористички активности.