Во Италија уапсена криминална група, меѓу нив најмногу Срби

Италијанската полиција уапсила десет членови на криминална група, осомничена за трговија со наркотици, а меѓу уапсените има најмногу државјани на Србија, пренесуваат локалните медиуми.

Меѓународната криминална група, според сознанието на италијанските иследници, во градот Виченца на студентите и учениците им продавала марихуана набавена во Шпанија.

Меѓу уапсените тројца се Италијанци и еден Романец, а другите се Срби на возраст од 22 до 54 години. Според порталот Giornale di Vicenza, уапсените дрогата од Шпанија ја пренесувале во Италија со камиони и ја продавале во урбаните делови на градот.

Во акцијата за апсење, италијанската полиција запленила и повеќе автомобили: три „ауди“, „мерцедес“ и БМВ, 5,5 килограми марихуана, стебла од канабис, 22 мобилни телефони, компјутери и многу СИМ-картички, како и 10.000 евра во готовина.

Полицијата истрагата против групата ја започнала во декември минатата година, кога кај еден српски државјанин открила 10 колограми марихуана и 4.000 евра во готовија, а подоцна уапсила уште двајца Срби во чии гаражи биле откриени 77 килограми марихуана. Истрагата утврдила дека од октомври 2019 година до денес организирала транспорт и продажба на големи количества марихуана.