Во италијанска таверна пронајден рецепт за храна стар 400 години

Во италијанскиот северен град Бергамо во таверна којашто ги промовира заборавените јадења откриен е рецепт на непознат кулинар од крајот на XVII и почетокот на XVIII век под називот „Il Cocho bergamasco alla Casalenga“ со упатсво како пред 400 години да се приготви печена патка.

Сопствениците на таверната на трпезите го враќаат заборавеното јадење „анедротто“, користејќи продукти, зачини, вкусови и одамна исчезнатиот начин на приготвување и настојуваат да го оживеат гастрономскиот деликатес кој со текот на времето се изменувал а подоцна и исчезнал од сеќавањата.

Според рецептот, за кој гастрономските стручњаци велат дека на трпезариската маса го враќа „раскошот на свечената вечера на благородништвото“, патката се печела со зачини како што се рузмарин, каранфилче и малку бибер, а филот бил приготвен од исецкани внатрешни органи пропржени на масло со кромид, моркови, целер и лук, магдонос, леб натопен во млеко и јајце, а во новата верзија главниот готвач додава и житарки.

Според изворниот рецепт, патката потоа се печела во бујон од варени коски и бело вино и се сервирала со седум прилози, меѓу кои зелка, карфиол, зачински билки, два вида палента, морков и пире од компири.

„Со малку модернизираниот ‘бабин’ рецепт, сакавме да го оживееме ова гастрономско истражување бидејќи веруваме дека е важно на луѓето да им понудиме дел од историјата што се одвивала на масите во домовите, гостилниците, таверните или на дворците. Сакаме да им понудиме изгубена традиција“, вели Елиса Тајочи, сопственичка на новоотворениот ресторан „Taiocchino“ кој го води со сопругот.