Италијанците во неделата гласаат на локалните избори на коишто ќе избираат повеќе од илјада нови градоначалници, а изборите ќе претставуваат голем тест во пресрет на парламентарните избори на почетокот од следната 2018 година.
Избирачките места ќе бидат отворени до 23 часот, а резултатите се очекуваат во понеделник рано утрото. Во градовите со повеќе од 15.000 жители вториот круг е закажан за 25 јуни, доколку никој не освои мнозинство во првиот круг.
Најважните битки ќе се водат во Џенова, којашто е упориште на левицата кое може да се приклони кон десниот центар, и во Парма каде што досегашниот градоначалникот може да му се одмазди на Движењето пет ѕвезди, од коешто е исфрлен, доколку повторно биде избран.
Ова евроскептично движење е најсилната италијанска опозициска партија и добрите резултати може да го зајакнат во борбата за власта на национално ниво на парламентарните избори против сегашната влада на левиот центар. Движењето пет ѕвезди и Демократската партија, според анкетите, се изедначени и секоја ќе освои по 30 отсто од гласовите.
Другите големи градови во кои се избираат градоначалници се Палермо, Верона, Падова, Аквила и Катанцаро.
Десниот центар во кој доминираат Северната лига и Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, се фаворити во Верона, додека се очекува левиот центар да ја задржи власта во Аквила, центарот на покраината Абруцо.
Иако овие избори се последните пред парламентарните избори, аналитичарите проценуваат дека поради локалните теми не може да бидат целосно сигурен показател за шансите на партиите на општите избори. Од некои места големите партии дури и се повлекоа и ја заземаа стратегијата да се прикријат на ткн „граѓански листи“ наместо да истакнат свои кандидати.