Во израелски напад убиени тројца новинари во јужен Либан

Најмалку тројца новинари се убиени а ранети се уште неколку други додека спиеле во куќи во јужен Либан во израелски напад во петокот, соопшти либанското Министерство за здравство, што Бејрут го прогласи за воено злосторство, пренесува Reuters.

Убиените новинари се снимателот Газан Наџар и инженерот Мохамед Реда од телевизијата Al-Mayadeen, за којашто Reuters вели дека е повзана со Иран, како и снимателот Висам Касем, кој работел за Al-Manar телевизија поврузвана со либанското шиитско движење Хезболах, кои се идентификувани во соопштението на либанските власти.

Тие престојувале во јужниот град Хасбаја кога бил гаѓањи од израелските сили околу 3 часот по полноќ по локално време (полноќ кон петокот според Гринич). Градот, населен и со муслимани и со христијани, претходно не бил цел на израелските напади.

Станува збор за најсмртоносниот напад врз медиумите во Либан откако избија непријателства меѓу Израел и Хезболах пред нешто повеќе од една година, поттикнати од војната во Газа.

Засега нема коментар од Израел, кој генерално негира дека намерно напаѓал новинари.

„ВОЕНО ЗЛОСТОРСТВО“

Петмина новинари беа убиени во претходните израелски напади додека известуваа за конфликтот во Либан, вклучително и новинарот и снимател на Reuters Иссам Абдалах на 13 октомври 2023 година. Други четворица беа убиени во нивните домови во текот на септември годинава, според Фондацијата Самир Касир, организација за слобода на медиумите.

„Ова е воено злосторство“, рече либанскиот министер за информации Зиад Макари. Најмалку 18 новинари од шест медиуми, вклучително и на британската телевизија Skay News и на катарската Al Jazeera, како и на либански радиодифузери, ги користеле хостелите и други објекти во градот Хасбаја.

„Слушнавме како авионот лета многу ниско – тоа е она што нѐ разбуди – и потоа ги слушнавме двата проектила“, изјавил за Reuters Мухамед Фархат, репортер на либанскиот медиум Al-Jadeed.

Додал дека се оштетени неколку бунгалови. На неговата снимка се гледаат превртени и оштетени автомобили, на некои со ознака „PRESS“.

„Од таму известувавме околу еден месец без ништо да се случи. Не знам ниту самиот како излегов од под урнатините“, додал Фархат.

НАПАДНАТИ ЛИБАНСКИ БОЛНИЦИ

Во нападите врз воени бази, кибуци и градови во јужен Израел од страна на палестинските милитанти предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година загинаа 1.200 луѓе, а други 250 беа одвлечени во заложништво во Појасот Газа, според израелските податоци. Во израелската офанзива во Газа загинаа речиси 43.000 луѓе, велат властите во Газа, а разорена е речиси целисно во која речиси целото 2,4 милионско население изминатата година неколку пати беше принудено да се евакуира од едениот на другиот крај и обратно во малата, тесна крајбрежна енклава

Израел се соочи со остри критики за нанесување цивилни жртви во Газа и Либан и беше обвинет за намерно гаѓање на цивилната инфраструктура, вклучувајќи болници и училишта. Израел ги отфрла критиките, тврдејќи дека се потребни сите мерки на претпазливост за да се ограничи штетата на цивилите кога се гаѓаат Хамас и Хезболах. Таа ги обвинува двете групи дека наводно ги лоцираат своите борци меѓу цивилите и ги користат како жив штит, што тие го негираат.

Либанскиот министер за здравство Фирас Абијад рече дека неговото министерство регистрирало 55 напади врз болници, од кои 36 биле директно насочени. „За време на овие напади 12 луѓе беа убиени во овие болници, а 60 беа повредени“, рече тој.

ДЕСЕТ ИЗРАЕЛСКИ ВОЕНИ ЖРТВИ ВО ДВА ДЕНА

Израел изведува воздушни напади за да го нападне јужниот дел на Либан, долината Бека и јужните предградија на Бејрут, додека неговите копнени сили, исто така, навлегоа во јужен Либан каде се позиционирани силите на Хезболах.

Израел соопшти дека пет војници биле убиени во борби во јужен Либан во петокот, откако во четвртокот објави за смртта на уште пет други.


Хезболах продолжува со ракетните напади и покрај болните израелски удари кои и прерпи, вклучувајќи го и убиството на неговиот генерален секретар Хасан Насрала и многу други високо позиционирани команданти на движењето.

Движењето во петокот соопшти дека истрелало повеќе ракети кон Израел, насочени кон воена база јужно од израелскиот пристанишен град Хаифа. Претходно на социјалните мрежи беа објавени снимки од уништени израелски тенкови и борбени возила во јужен Либан, проследени со тврдења за „големи“ загуби во опрема и жива сила на изралеските единици.

Израел ја започна својата голема офанзива во Либан пред еден месец, велејќи дека е насочена кон силно вооружениот Хезболах поддржан од Иран, за да обезбеди враќање на десетици илјади Израелци евакуирани од северниот дел на земјата поради прекугранични ракетни напади започнати по ланскиот 8-ми октомври, ден по почетокот на одмазничката израелска сеопфатна инвазија во палестинската енклава Појасот Газа.

Властите во Бејрут велат дека офанзивата убила повеќе од 2.500 луѓе и раселела повеќе од 1,2 милиони луѓе, повеќето од нив во текот на минатиот месец, создавајќи хуманитарна криза.

МИРОВНИ ПРЕГОВОРИ СО ХАМАС ВО КАИРО

Вашингтон изрази надеж дека смртта на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, организатор на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, може да даде поттик за прекин на борбите.

Израел соопшти дека Дејвид Барнеа, шеф на разузнавачката агенција Мосад, ќе отпатува во катарската престолнина Доха во недела за да се сретне со директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) Вилијам Барнс и со премиерот на Катар.

Египетска безбедносна делегација веќе се сретна со делегација на лидерите на Хамас во Каиро како дел од напорите за заживување на преговорите за прекин на огнот во Газа, извести египетската државна телевизија Al Qahera News.

Високиот функционер на Хамас, Осама Хамдан, изјави за Al Mayadeen дека нема промена во позицијата на групата. „Заложниците што ги држеше отпорот ќе се вратат само со прекин на агресијата и целосно повлекување“, на израелските сили од Газа, рече Хамдан.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека има потреба од итно доаѓање до дипломатско решение за конфликтот во Либан, еден ден откако рече дека Вашингтон не сака да гледа долготрајна воена кампања во оваа земја од страна на својот најблизок сојузник Израел.

Блинкен во четвртокот сигнализираше у за обновени напори за заживување на преговорите за ставање крај на војната во Газа преку договор што ќе обезбеди прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држеше палестинската милитантна група Хамас.

„Имаме чувство на вистинска итност за да дојдеме до дипломатско решение и целосно спроведување на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, така што може да има вистинска безбедност долж границата меѓу Израел и Либан“, рече Блинкен во Лондон.

Додаде дека е важно за „луѓето од двете страни на границата да имаат доверба да… се вратат во своите домови“.