Во израелски напади погоден град јужно од Бејрут и либанскиот регион Бека

Најмалку еден израелски воздушен напад во вторникот погоди станбена зграда во крајбрежен град јужно од Бејрут, соопштија либанските државни медиуми, додека други напади погодија неколку локации низ земјата, додека Хезболах возврати со лансирање ракети кон Израел.

Нападот на крајбрежниот град Џије остави зад себе огромен облак чад кој се надви над погодената станбена зграда, јавуваат агениите. Не е познато дали нападот бил извршен како обид за целена ликвиација, но не било издадено предупредување за евакуација на населението пред да биде извршен.

Израелската армија и влијателното шиитско движење Хезболах, кое е поддржано од Иран, разменуваат оган повеќе од една година паралелно со војната во Газа. Но, непријателствата ескалираа во последните шест седмици. Според здравствените власти, повеќе од 3.000 луѓе се убиени во Либан, од кои повеќето од крајот на септември.

Либанското Министерство за здравство објави дека пет жители кои живееле во близина на градот Баалбек во долината Бека, исто така, биле убиени во израелските напади во вторникот, а либанската државна новинска агенција објави дека проценува дека повеќе од 40.000 станбени единици во пограничната област биле уништени од израелски воздушни напади и детонации во областа на земјата.