Во израелскиот удар уништена зградата на болничкиот комплекс „Ал Шифа“, известија од Газа

Израелскиот воздушен напад „целосно ја уништи“ кардиолошката зграда на болничкиот комплекс „Ал Шифа“ во градот Газа, соопшти во неделата заменик-министерството за здравство на Газа, а агенцијата за развој на Обединетите нации извести за голем број мртви и ранети во нејзиното седиште и повика на итен прекин на огнот.

„Двокатната зграда во која се наоѓаше одделот за кардиологија беше целосно уништена од воздушниот напад“, изјави Јусеф Абу Риш, обвинувајќи ја израелската армија за нападот, пренесува AFP.

Агенцијата додава дека не може да ја потврди точноста на информациите што ги изнесе заменик министерот за здравство на Хамас, но дека очевидец во болницата ги потврдил нападите и штетите.

Израелската армија сѐ уште не ги коментира овие наводи.

„Има нов напад на одделот за хирургија“, изјави палестински претставник. „Израелските тенкови целосно ја опколија болницата Ал Шифа“ и „пукаат во секој што ќе се обиде да излезе надвор“, додаде тој.

Тврди дека два израелски тенка се пред породилиштето, а околу болницата има „десетици тела, стотици ранети“.

Израелската армија претходно во саботата ги нарече „лажни“ информации дека ја „опколила“ болницата „Ал Шифа“ и дека ја бомбардира.

Абу Риш додава дека „има 650 пациенти, четириесет предвремено родени бебиња во инкубатори во болничкиот комплекс и сите се во животна опасност“, а таму се засолниле и 15.000 раселени Палестинци.

Од саботата комплексот „Ал Шифа“ е без струја. Израелската невладина организација Лекари за човекови права-Израел во саботата објави дека „две предвремено родени бебиња починале“ бидејќи недостигот од гориво го спречил продолжувањето на неонаталната нега во „Ал Шифа“, најголемата болница во опколениот Појас Газа.

„Болничарите рачно ги масираат предвремено родените бебиња“, рече Абу Риш, кој изрази страв дека смртта ќе настапи за неколку часа.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во саботата изјави дека војската во недела ќе ги евакуира новороденчињата од болницата „Ал Шифа“ и ќе ги префрли во побезбедна болница. Меѓутоа, во неделата утрото израелските медиуми објавија дека тоа ќе биде невозможно, порди жестоките борби во областа во кои загинале пет израелски војници.

 

ОН повикуваат на прекин на огнот

Светската здравствена организација во саботата вечерта соопшти дека ја изгубила комуникацијата со своите контакти во болницата „Ал Шифа“ во северниот дел на Газа и изрази „сериозна загриженост“ за безбедноста на сите заробени таму поради борбите, повикувајќи на итен прекин на огнот.

Агенцијата на ОН, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), во неделата објави дека има „голем број мртви и ранети“ во „бомбардирањето“ во саботата доцна навечер врз нејзиното седиште во опколениот град Газа.

„Трагедијата што носи мртви и ранети цивили опколени во овој конфликт (…) мора да престане“, се вели во соопштението на UNDP. „Цивилите, цивилната инфраструктура и неповредливоста на локалните мисии на ОН мора да бидат почитувани и заштитени во исто време“, се наведува во него.

Снимката на AFPTV од неделата покажува голем кратер во дворот на училиштето управувано од ОН за палестински бегалци (UNRWA) во градот Беит Лахиа, северниот дел на Појасот Газа. Училиштето е цел на напади откако илјадници раселени Палестинци се засолнаа таму во петнеделните израелски напади врз Појасот Газа како одговор на смртоносните напади врз Израел на 7. октомври од страна на исламистичкото движење Хамас.

Според израелските власти, во Израел биле убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, од кои 312 се војници. Најмалку 11.000 луѓе загинаа во израелското бомбардирање на Газа, соопшти Министерството за здравство на Хамас, кое престана да објавува нови информации за жртвите пред 48 часа. Министерството тврди дека не може да воспостави контакт со сите болници и наведува дека околу зградите лежат десетици тела и дека возилата на брзата помош не можат да им се доближат поради конфликти и напади.

Од UNRWA во петокот објавиja дека повеќе од 100 нејзини вработени се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната.