
Во овогодинешниот извештај според она што го гледаме, констатирано е подобрување во економијата, поле на кое како влада посветуваме најголем фокус и енергија, и што најдобро може да се почувствува и види и без посебен извештај, доколку се погледне бројот на новоотворени работни места, новите фабрики и инвестициите во капиталните инфраструктурни проекти, посочи премиерот Никола Груевски, откако Македонија ја доби седмата препорака од ЕК за влез во ЕУ.
Владата на Република Македонија, темелно ќе го проучи и анализира Извештајот на Комисијата. Изнесените оценки, забелешки и препораки, како и досега, ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес, и ќе бидат преточени во конкретни дополнителни мерки при ажурирање на Владиниот Акциски план за итните реформски приоритети и Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Ефикасната реализација на овие два документи останува да биде приоритетна задача на Владата, истакна Груевски.