Милитанти вооружени со јуришни автоматски пушки и рачни фрлачи на гранати во средата во авганистанската престолнина Кабул го нападнаа силно утврденото седиште на министерството за внатрешни работи, а во престрелките коишто траеле повеќе од два часа загинал еден полицаец и петмина други се ранети.
Бунтовниците прво пред зградата детонирале автомобил бомба, а потоа неколку напаѓачи успеале да влезат во објектот. Наџиб Даниш, портпарол на авганистанското министерство за внатрешни работи изјавил дека во нападот учествувале 10 милитанти, како и дека во судирот кој избувнал по упадот во зградата е убиен еден полицаец а други пет се ранети.
Според неименуван функционер во министерството, еден напаѓач се разнел во внатрешноста на зградата, додека друг пружал отпор од место за набљудување. Напаѓачите не успеале да се пробијат во главните згради на министерството, бидејќи тие се доста оддалечени од главната капија на комплексот, а меѓу нив е голем бришан простор па на авганистанските безбедносни сили не им било тешко да го сопрат нападот.
Засега никој не ја презема одговорноста за овој последен во низата напади во Кабул оваа годиниа во кој се убиени повеќе стотици луѓе. Безбедносната ситуација во земјата пред одржувањето на парламентарните и регионалните избори најавени за октовмри остро се влошува. Авганистанските власти предупредија на можни „сложени напади“ на талибаните врз владините згради и странски претставништа во земјата.
Истовремено во средата портпаролот на американските војници во Авганистан објави дека повеќе од 50 високи талибански команданти се убиени во напад со „артилериски ракетен систем“ во јужната покраина Хелманд. Според неговите наводи, на состанокот одржан на 24-ти мај во Хелманд присуствувале талибански команданти од неколку покраини, вклучително и од соседната Фара, каде што талибаските борци претходно овој месец за малку ќе го заземеа главниот град.
Талибаните ја негираа информацијата за споменатиот напад и тврдат дека станува збор за американска пропаганда.
Поединостите за минатонеделниот напад се објавени во заднината на продолжените борбени дејствија на талибаните кои ги спроведуваат сега и во покраините во кои претходните години слабо беа организирани, сакајќи повтроно да го воспоставата владеењето на нивното толкување на шеријатското право. Покрај во Хелманд и Фара, откако во април ја запреа својата пролетна офанзива, сериозни акции се регистрирани и во северната покраина Такар, во Логар источно од престолнината Кабул и во самиот главен град, како и во Кандахар на југот од Авганистан.