Наместо решавање на проблемите со кои се соочуваат приватните превозници поради долгот кој Град Скопје, односно ЈСП го има кон нив, надлежните како и Владата се тераат бизниси. Град Скопје, ЈСП и Владата договараат тендери без рабат, нешто што не е вообичаено. Но, очигледно дека градоначалничката Данела Арсовска, директорот на ЈСП Александар Стојковски кој е кадар на партијата која ја предводи Владата, или на СДСМ ги интересира нешто друго, а не граѓаните. А токму со тој рабат ќе можеше да се исплати долгот кон приватните превозници.
Во меѓувреме премиерот Димитар Ковачевски тврди дека немал таен состанок со градоначалничката на Град Скопје, Арсовска. На вчерашната прес конференција тој рече: „Најпрвин ниту градоначалничката на Град Скопје, ниту било кој бил на таен состанок кај мене“.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштение од викендов јасно прати порака.
„Доколку СДС сака да се реши проблемот со хаосот во Скопје и да се исплатат приватните превозници, на тајните средби нека побара од Арсовска да го поништи тендерот во ЈСП во кои не е предвиден попуст, или рабат, за да заштеди Арсовска преку нов договор од над 1.5 милиони евра, со кои ќе се исплати долгот кон превозниците. Но, на СДС и Ковачевски не им се битни граѓаните, нив битни им се милионите евра и криминалот кој заедно го прават со Арсовска“, се вели во соопштението.
И советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Стефан Андоновски на почеток на месецов ја објасни ситуацијата.
„ЈСП е доведено до колапс и не може да исплати ни плати на своите вработени ни давачки, а во исто време менаџерскиот тим потпишува договор за набавка на гориво по цена на 118 денари за литар со ДДВ, а во моментов пазарната цена е 84,5 денари за литар дизел. Тој договор потпишан на 25 октомври. Овие фактури ЈСП редовно ги сервисира, но не ги сервисира приватните превозници и обврските кои ги има кон нив“, рече Андоновски.
Во целиот случај со јавниот превоз едно е јасно дека Арсовска со Стојковски и премиерот Ковачевски се грижат да протуркаат бугарска фирма за превозник, но не и да склучат соодвертни договори за гориво, туку како да го оштетат буџетот кој се полни со пари на граѓаните.
„Тендерот од 27 милиони евра за набавка на нафта за потребите на ЈСП, потпишан од директорот на тоа претпријатие кадар на СДС Александар Стојковски е без вообичаениот рабат, односно попуст од 6 денари по литар. Попуст за набавка на нафта во ЈСП секогаш во минатото имало, дури и во времето на Шилегов, но не и со Арсовска. Тендерот за набавка на нафта е за набавка од 14.500.000 литри. Со попуст од 6 денари, тоа се 1.400.000 евра заштеда. Оваа набавка е од компанија на пратеник од власта“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ во едно од соопштенијата посветени на оваа тема.
Оттука се е јасно или Ковачевски лаже негирајќи дека имал средба со Арсовска. Тој само во една прилика призна, но рече дека истата била во функција на ЗЕЛС или оти се сретнал со неа како претседател на ЗЕЛС и со претставници на управниот одбор.