Во Канада пронајдена англиска монета искована 70 години пред откривањето на Америка

Откривањето на златната паричка на јужниот брег на Њуфаундленд во Канада би можело да го доведе во прашање историскиот наратив за прв европски контакт во регионот, бидејќи првото доаѓање од Европа на тој остров се случило најмалку 70 години откако била искована паричката.

Во соопштението за јавност објавено минатата недела, владата на Њуфаундленд и Лабрадор информираше дека англиската монета била пронајдена летоска од страна на Едвард Хајс, локален историчар, кој согласно законот за историско наследство пронајдокот го пријавил кај локалните власти. Монетата стара 600 години му претходи на првиот документиран контакт на Европа со Северна Америка.

По консултација со Пол Бери, поранешен кустос на Музејот за пари на Канадската банка, било востановено дека паричката е од периодот на Хенри VI и дека била искована во Лондон помеѓу 1422 и 1427 година. Паричката денес би имала вредност од 61 американски долар.

Пред ова откритие, паричката искована во 1490-тите години која беше пронајдена во 2021 година на локалитетот Кјупидс Ков Плантејшн се сметаше за најстара англиска монета пронајдена во Канада.

Со оглед на тоа што Бери смета дека паричката веројатно била вон оптек кога била изгубена, постојат многу претпоставки за тоа како точно паричката стигнала до Њуфаундленд и Лабрадор. Точната локација каде е откриена се држи во тајност за да не се охрабруваат ловците на богатство.

Во интервју за CBC, археологот Џејми Брејк вели дека по завршување на испитувањата паричката ќе биде јавно изложена во музејот The Rooms во главниот град на провинцијата Сент Џон.

Приказните за доаѓањето на Викинзите се содржани во исландските саги, вклучувајќи ги посетите на Леиф Ериксон пред повеќе од 1.000 години и археолошки докази за нордиска населба пронајдена во Л’Анс о Медоус, која беше прогласена за светско наследство на УНЕСКО во 1978 година.

Други непотврдени извештаи за европски контакт вклучуваат приказни од англиските Каналски Острови за брод кој кон крајот на XV век скршнал од курсот во чудна земја „полна со риби“.

Во 1583 година, Њуфаундленд станал првиот посед на Англија во Северна Америка, а воспоставувањето рибарство на надворешниот брег на островот му оневозможило на домородното население пристап до изворите со храна.

„Некое време има одредени сознанија за присуството на Европа пред XVI век, исклучувајќи ги Викинзите. Можноста за окупација пред XVI век би била неверојатно откритие“, рече археологот Брејк.