Кинеската фудбалска асоцијација суспендираше доживотно 43 лица поради обложување и местење натпревари, меѓу кои и тројца поранешни кинески репрезентативци и јужнокорејскиот репрезентативец Сон Џун-хо, објави агенцијата Xinhua.
Веста дојде неколку часа пред квалификацискиот натпревар за Светското првенство во 2026 година меѓу Кина и Саудиска Арабија.
Дури 128 лица кои биле вмешани во обложувачки скандали биле под набљудување, соопшти Министерството за јавна безбедност, а по двегодишна истрага доживотно суспендирани се 43 лица.
Кинескиот фудбалски сојуз го обвини корејскиот играч од средниот ред Сон Џун-хо, кој играше за Шандонг Таишан во кинеската лига, за учество во местење натпревари и примање мито. Корејскиот играч се врати во својата татковина во март 2024 година, откако беше приведен во Кина од мај 2023 година.
На списокот за доживотна забрана е и поранешниот кинески репрезентативец Џин Џингдао, кој исто така играше за Шандонг Таишан.
Во последниве години, Пекинг ја засили својата борба против корупцијата во кинескиот спорт, особено фудбалот, и затвори неколку високи функционери.
Во март, поранешниот претседател на Кинеската фудбалска асоцијација, Чен Ксујуан, беше осуден на доживотен затвор за примање мито, додека поранешниот потпретседател Ли Јуји беше осуден на 11 години затвор во август, исто така за примање мито.