Во Кина нема починати од ковид по измената на методологијата

Кина не пријави ниеден нов смртен исход во средата поврзан со коронавирусната болест, откако на почетокот од декември ја промени методологијата за следење на заразените и заболените во времето кога земјата се соочува со нови епидемиски бран.

Од почетокот на 2020 година Кина спроведува многу строги епидемиолошки и здравствени мерки водејќи се од својата политика „нулта стапка на ковид“ со кои ги заштити најранливите групи од населението и невакцинираните.

Но главно под притисокот на стопанството, населението и западните трговски партнери Пекинг на почетокот од декември за да го смири бесното и изморено население од постојаните ограничувања на движењето, укина повеќе од тие мерки. Меѓутоа, од тогаш експлодираше бројот на заразените на дневно ниво, па се стравува дека смртноста предизвикана од ковидот е многу висока кај постарата популација која е особено ранлива.

Кинеските здравствени власти во вторникот објавија дека само лицата кои починале од респираторна инсуфициенција директно поврзана со ковидот ќе бидат вклучени во статистичките податоци за починатите од овие области.

„По заразата со варијантата омикрон, главниот причинител за смрт на пациентите се другите болести. Само мал број лица умираат директно од последиците на респираторна инсуфициенција предизвикана од ковидот“, изјави во вторникот Ванг Гуичијанг, комесар за здравство во Градскиот совет на Пекинг.

Според сведоштва кои ги собрала француската новинска агенција AFP, крематориумите во Кина работат отежнато, иако не е утврдена никаква службена поврзаност со новата здравствена ситуација во земјата и ковидот. Некои болници се пренатрупани, а лековите против грип стануваат недостапни во аптеките поради зголемената побарувачка во време кога Кина учи да живее со вирусот, пишува AFP.

Според официјалните податоци, само седум пациенти починале од ковид откако се укинати ограничувањата на почетокот од декември.

САД објавија во вторникот дека се подготвени да ѝ испорачаат на вакцини против ковидот на Кина, која инаку има регистрирано три такви препарати, коишто според официјалните податоци, покажале добри резултати во имунизацијата.

„Во интерес на меѓународната заедница е колективно да ѝ помогнеме на Кина да ја држи епидемијата под контрола“, изјави за новинарите портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.