Во Кина погубена дадилка која подметна пожар

Во градот Хангџоу во Кина е погубена дадилка која намерно предизвикала пожар во кој смртно настрадале мајка и нејзините три деца.

Триесет и петгодишната Мо Хуанјинг на смртната казна била осудена во февруари. Таа наводно имала огромни коцкарски долгови и се надевала дека со „спасување“ од огнот на семејството, ќе ги убеди да и дадат повеќе пари за чување на децата.

Но, наместо тоа, се случила трагедија. Пламенот што избил во станот на 18-тиот кат ги усмртил Жу Ксиожен и нејзините три деца, кои имале шест, девет и 11 години. Лин Шенгбин, сопруг и татко на загинатите, за време на несреќата во јуни 2017 година, бил на работа.

Мо, која со запалка го подметнала пожарот во дневната соба, побегнала.

Веста за смртната казна предизвикала многубројни реакции на кинеската верзија на Твитер (Вејб), на која Лин на своите 2,6 милиони следачи им порачал:

Ѓаволот Мо Хуанјинг конечно е погубена. Кога ја слушнав веста, не можев да престанам да плачам. Ги повикав родителите. Мајка ми ме слушаше и плачејќи рече дека сите предолго го чекале тој ден.

Лин Шенгбин порачал дека правдата е задоволена, дека патот што е пред нив ќе биде уште потежок и на социјалната мрежа споделил фотографија од гробницата на неговата сопруга и трите деца.

Корисниците на оваа социјална мрежа масивно ја коментирале објавата. Многумина изјавиле дека и тие плачеле кога ја слушнале веста и му посакале мир и здравје на таткото.

Овој случај завзема значајно место во кинеските национални медиуми, делумно заради тврдењето дека пожарникарите лошо реагирале. Пожарникарските бригади пак ги отфрлале таквите тврдења, префрлајќи ја вината врз лошиот притисок на вода и лошата противпожарна заштита во зградата.

Смртна казна

Трагичната природа на ова злосторсво го направи случајот со подметнување на пожар популарен меѓу адвокатите кои се борат против смртната казна во Кина.

Се верува дека во Кина се извршуваат повеќе смртни казни отколку во која било друга земја, но дека точниот број е тајна. Групата за човекови права, Амнести интернешнал, наведува дека станува збор за илјадници погубувања.