Во Кина започна Лунарната нова година и масовната миграција на луѓето

Кина во петокот влезе во најфреквентниот период од годината со масовна миграција на луѓе и очекувани девет милијарди домашни патувања за време на 40-дневната патувачка треска во текот на Лунарната нова година, Годината на змејот. Тоа е речиси двојно повеќе од 4,7 милијарди патувања за време на празничната сезона во 2023 година, кога беа укинати многу строгите ограничувања поврзани со ковид-19.

Милиони луѓе ќе патуваат во своите родни места за да бидат со семејството за Лунарната нова година, која започнува на 10-ти февруари оваа година. Тоа е најголемата годишна масовна миграција на луѓе во светот.

За разлика од Западот, Кина и другите азиски земји користат лунарен календар чиј крај на годината осцилира меѓу крајот на јануари и средината на февруари. Шесте децении што го сочинуваат тамошниот век се поделени на дванаесетгодишни циклуси, од кои секој е претставен со животно коешто, според традицијата, ја одредува личноста на родените во неговиот знак.

Периодот за одмор трае две седмици пред и по Лунарната нова година.

Околу 80 отсто од реализираните девет милијарди патувања се со автомобил, што е исто така рекордна бројка, а останатите со железнички, воздушен и бродски транспорт. Речиси 11 милиони железнички патувања се очекуваат во петок, а вкупно 480 милиони патувања се очекуваат во текот на 40-те дена, 38 отсто повеќе отколку во 2023 година и 17 отсто повеќе отколку во периодот пред пандемијата 2019 година.

Аеродромите во најголемите кинески градови, Пекинг и Шангај, се подготвени за густ сообраќај. И прекуокеанските патувања поставуваат рекорди.

Кинезите имаат голем број традиционални обичаи и верувања според кои живеат. Пред доаѓањето на Новата година тие темелно ја чистат куќата, а тоа особено се однесува на отстранување на вишокот работи. Со чистење и исфрлање на нештата што не им се потребни, со новата година дозволуваат да влезе нова енергија во нивниот дом.

Украсите традиционално се во црвена боја и симболи на животното чија година доаѓа. Црвената боја во Кина симболизира среќа, просперитет и искреност.