Нови 50 жители на општина Кисела Вода станаа легални сопственици на своите имоти по денешната легализација на дивоградбитe, која се одржа во Големата сала на општината. Градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, доделувајќи им ги решенијата на присутните, уште еднаш ја истакна важноста на овој процес како чекор со кој конечно се решаваат децениските проблеми на граѓаните во делот на впишување на правото на сопственост на нивните објекти.
„Сакам да истакнам дека жителите на општина Кисела Вода, разбираат дека покрај општината, тие ја носат главната улога, бидејќи општинските служби можат да работат само откако ќе им биде доставена целосната документација. Ова го велам бидејќи денешната ситуација вели дека бројот на граѓани кои не доставиле геодетски елаборат е се помал. Се надеваме дека тие граѓани нема да чекаат до крајниот рок, кој согласно последните владини измени е пролонгиран до 31.12.2015,“ изјави Беличанец-Алексиќ.
Таа апелираше дека до сите жители на Општина Кисела Вода, до сите правни и физички лица, да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакуум простор. Потенцираше дека секоја нелегална градба која ќе се детектира, а истата не е подведена под Законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде срушена.