
Од Општина Кисела Вода информираат дека продолжуваат активностите во насока на справување со урбанистичкиот хаос ан подрачјето на оваа скопска општина.
Така, во петокот утрото е урната уште една дивоградба, овојпат на улицата „Борис Трајковски”. Засега непознат сторител, без да поседува одобрение за градба, на оваа локација поставил армирано-бетонскa плоча.
„Денес стопиравме изградба на уште еден нелегален објект, уште еден обид да се прекрши законот и законските процедури. Како што најавив, нашите жители ќе видат еден нов начин на управување со општината, ќе видат што значи нетолеранција на беззаконие и казна за криминалот. Законот постои за да се почитува и ќе важи поеднакво за сите. Никој не е и нема да биде над него“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.