Годинава во кочанскиот регион со ориз треба да се засеат 3.500 хектари, што е зголемување за околу десет отсто во споредба со лани.
Водостопанската подружница „Брегалница” од Кочани го утврди планот за наводнување, кој предвидува најмногу површини со главната земјоделска култура во регионот да има во атарот на селата Облешево, Соколарци, Чешиново, Спанчево и Уларци. Според актуелната хидролошка состојба, не се очекуваат проблеми во неговата реализација.
-Браната Калиманци во моментот има акумулирано околу 95 милиони кубни метри вода, а просечниот доток е пет кубни метри во секунда, што е на задоволително ниво и не очекуваме поголеми проблеми со количините што ќе бидат потребни за претстојната сезона за наводнување. Браната Гратче се прелева со околу 700 литри во секунда. Во меѓувреме продолжува чистењето на каналската мрежа за наводнување и одводнување, за што се ангажирани три градежни машини, а се работи и на зајакнување на бреговите на речните корита. Поголема интервенција е направена на Кочанска Река, од Кочани до селото Горни Подлог, со што е отстранета опасноста од излевање и поплавување. Се чистеше и Оризарска Река во околината на месноста Слатина, истакна Дени Митров, раководител на водостопанската пордужница „Брегалница” за РадиоКочани.мк.
За разлика од минатите години, овогодишната сезона за наводнување може да почне навреме, односно во првата половина на април. Тоа ќе се договара со оризопроизводителите, во зависност кога тие ќе ја завршат подготовката на површините за сеидба.